МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ НЕ ЧУВСТВУВА ОДГОВОРНОСТ ЗА КУЛИТЕ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“, ВЕЛИ НЕ БИЛ НАДЛЕЖЕН И СÈ ОБЈАСНИЛ НА НОВИНАРИТЕ

    МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ НЕ ЧУВСТВУВА ОДГОВОРНОСТ ЗА КУЛИТЕ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“, ВЕЛИ НЕ БИЛ НАДЛЕЖЕН И СÈ ОБЈАСНИЛ НА НОВИНАРИТЕОпштина Центар мината недела ја издаде градежната дозвола за градење на првата од трите 20-катници кај „Холидеј ин“ на земјиштето на МПЦ-ОА,која всушност ја попречува отвореноста на Плоштадот кон кејот (Фото: Идејно решение на трите кули)

    Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не чувствува никаква одговорност за тоа што кај хотелот „Холидеј ин“ во строгиот центар на Скопје ќе се градат 20-катници. Одговарајќи на новинарско прашање дали откако инвеститорот „Фешн груп“ доби дозвола за градба чувствува некаква одговорност, Бочварски кажа дека Општина Центар е таа која носи одлуки што и како ќе се гради.

    „Воопшто не чувствувам одговорност. Ние имавме серија средби на стручно ниво во Министерството за транспорт и врски. Имавме и брифинг за медиуми за да објасниме на јавноста и на новинарите, за подобро да се запознаат со оваа специфична материја, дека Министерството не може да блокира или да суспендира план туку тоа е надлежност исклучива на општините. Секоја општина има свое легитимно право да промени план, да донесе нов план, а во овој случај во Советот на Општина Центар треба да се дискутира што е најдобро за жителите на Центар“, рече Бочварски одговарајќи на новинарски прашања на дебатата за новиот Закон за градење.

    Општина Центар мината недела ја издаде градежната дозвола за градење на првата од трите 20-катници кај „Холидеј ин“. На првата од трите градежни парцели на просторот кај „Холидеј ин“ ќе се градат три 20-катници. Прво ќе се гради зградата од 20 ката која се наоѓа на земјиштето на МПЦ-ОА и всушност ја попречува отвореноста на Плоштадот кон кејот. Такму за оваа зграда се уплатени комуналии во висина од 2.4 милиони евра на Град Скопје и Општина Центар. Потоа би се градела станбената зграда од 22 ката, со зеленило на терасите и на крај деловниот центар од 16 ката. За овие два објекти дополнително ќе се платат комуналии, а за секоја Градот и Општината ќе наплатат приближно колку висината на комуналиите за првата зграда.

    Планот за зградите во овој дел од центарот на градот беше донесен во 2012 во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Власта на СДСМ не направи ништо да спречи во срцето на главниот град да се гради според план неусогласен со Генералниот урбанистички план, иако пред да дојдат на власт остро ги критикуваа плановите на власта на ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека со нив се бетонизира Скопје и ветуваа промена на урбанистичките политики.
    Не само што не ја смени урбанистичката политика на ВМРО-ДПМНЕ, туку за време на оваа власт беше направено дооформување на парцелата со продажба на државно земјиште. Во 2018, кога на сила беше мораториумот за градба во Центар, од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Горан Сугарески од СДСМ, инвеститорите го купуваат државното земјиште на овој простор со површина од 9.048 метри квадратни метри по цена од 312 евра за квадрат. Со тоа му се даде можност на инвеститорот да поседува поголем дел од просторот, наместо тоа да биде државно земјиште со кое Општината можеше да прави што сака и да предвиди содржини од јавен интерес, како што се градинки, паркови, школи и слично.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира