Само еден медиум беше поканет на денешната работна посета на министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски на Битола и Новаци. Најголемиот дел од битолските новинари немаа информација дека министерот е во Битола и дека дал изјави за повеќе инфраструктурни проекти, како и за горливата тема со запрената изградба на пругата кон грчка граница.
Mинистерот ги избегна новинарите да одговара на евентуални прашања поврзани со проблемите кои доведоа до запирање на градбата на железничката пруга, проект кој власта го најавуваше и на претходните избори. Во изјавата која ја даде Мисајловски пред избраниот медиум рече дека пругата и понатаму останува приоритет и дека ќе продолжи изградбата, но не прецизираше кога.
Пругата според проектот, требаше да биде готова ова лето. Но, конзорциумот на фирми кои го добија тендерот за градба, не им ги исплати парите на подизведувачите, па тие запреа со работата и поднесоа тужби. До денес нема одговор каде завршија парите кои за железничката пруга ги финансираше ЕУ.
При минатата посета на Мисајловски на Битола кога вршеше увид на изградбата на патот за Ресен, битолските герилци него и градоначалникот Владимир Талески ги посипаа со пари „владимирки“.
И други министри доаѓале во Битола и Новаци на работни посети и не канеле новинари. Но, овој пат беше селективно поканет само еден медиум, а по посетата на министерот снимениот материјал со изјавата на Мисајловски беше размножен и по други национални телевизии и интернет портали.