Министерството за образование и наука (МОН) ги укина решенијата со кои претходно му беа одземени ингеренциите на битолскиот градоначалник Тони Коњановски за именување и разрешување на в. д. директори во основните општински училишта „Александар Турунџев“ во село Кукуречани, „Климент Охридски“ во Битола и битолското Средно општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“. Ингеренциите му ги имаше одземено претходниот министер за образование Јетон Шаќири, кој беше дел од претходната централна власт преводена од СДСМ и ДУИ.
Укинувањето на решенијата доаѓа по промената на власта која премина во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, која исто така ја преводни и локалната власт во Битола.
Од Општина Битола соопштија дека ингернециите му се вратени на Коњановски по негово барање, но заради непречено одвивање на воспитно образовниот процес и работите во областа на образованието како и успешно започнување на учебната 2024-2025 година.
„Ингеренциите на градоначалникот беа одземени од страна на поранешната централна власт само во делот на ангажирање на наставен кадар, именување и разрешување на в. д. директори, додека материјалните трошоци за гориво, превоз на ученици и друго за кои општината годишно само за основните училишта издвојува околу еден милион евра, не беа во интерес на поранешниот министер за образование и истите остануваат во надлежност на Општината и во училиштата каде се одземаа ингеренциите“, соопшти Општина Битола.
Претходниот министер за образование Јетон Шаќири имаше изјавено дека се одземаат ингеренции за да нема политичко влијание врз вработувањата поради што не им биле трансформирани работните односи на наставници кои ги исполнувале законските услови и за да нема партиски назначувањата на директори во битолските училишта.
Ж. ЗДРАВКОВСКА