МИРОСЛАВ БОГДАНОВСКИ ОД ПРАТЕНИК ВО СОБРАНИЕ СЕ ВРАЌА ВО ИНСПЕКТОРАТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ, ВЕЛИ ДЕКА ТАКА МОЖЕ ПОВЕЌЕ ДА СЕ БОРИ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЧИТЕ

    МИРОСЛАВ БОГДАНОВСКИ ОД ПРАТЕНИК ВО СОБРАНИЕ СЕ ВРАЌА ВО ИНСПЕКТОРАТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ, ВЕЛИ ДЕКА ТАКА МОЖЕ ПОВЕЌЕ ДА СЕ БОРИ ПРОТИВ ЗАГАДУВАЧИТЕБогдановски вели дека се враќа на старата функција бидејќи така може да даде поголем придонес во борбата против загадувачите отколку како пратеник во Собранието. (Фото: СДК.МК)

    Мирослав Богдановски од ДОМ вчера поднесе оставка од пратеничката функција и пак ќе биде главен инспектор на Град Скопје. Богдановски замина од Град Скопје во Собрание после парламентарните избори лани како дел од листата во првата изборна единица.

    Богдановски вели дека се враќа на старата функција бидејќи така може да даде поголем придонес во борбата против загадувачите отколку како пратеник во Собранието.

    „Останувам максимално посветен на заштитата на животната средина. Впрочем, затоа и се враќам на моето претходно работно место во Инспекторатот на Град Скопје и со сиот мој професионален интегритет и одлучност, да придонесам во борбата против загадувачите, урбаната мафија и да спречам уништување на зеленилото. Граѓаните бараат зелени, чесни и бескомпромисни борци што се секојдневно на терен, далеку од удобните фотелји. Зелените не се елитисти и демагози, туку луѓе од акција. Јас како дел од Европските Зелени, со тоа убедување чекорам повеќе од деценија и сметам дека многу повеќе може да се направи директно на терен отколку од говорница. Затоа сакам со својот тим од Инспекторатот на Градот Скопје и во соработка со Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, решително да придонесеме во спроведувањето на Зелениот Договор на ЕУ и Зелената Агенда за Западен Балкан”, вели Богдановски.

    Богдановски заедно со Петровска пред еден месец беа разрешени од потпретседателските позиции во ДОМ.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира