МИСЛАМ ДЕКА ПОПИСОТ НЕМА ДА ПОЧНЕ, НО СЕКАКО ЌЕ НЕМА ПОЛИТИЧКА КРИЗА ОД РЕЗУЛТАТИТЕ, ВЕЛИ РЕКТОРОТ БЕЏЕТИ

    МИСЛАМ ДЕКА ПОПИСОТ НЕМА ДА ПОЧНЕ, НО СЕКАКО ЌЕ НЕМА ПОЛИТИЧКА КРИЗА ОД РЕЗУЛТАТИТЕ, ВЕЛИ РЕКТОРОТ БЕЏЕТИЈас очекувам дека, ако процесот почне тој и ќе биде завршен како што треба, ама јас мислам дека нема да почне, вели проф. Абдулменаф Беџети. (Фото: СДК.МК)

    На Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово, професори и студенти дискутираа на тема „Потребата од подигнување на јавната свест за пописот на населението во Република Северна Македонија“. Ректорот на Универзитетот проф. д-р Абдулменаф Беџети како еден од учесниците во панел-дискусијата, вели дека не очекува оти по објавувањето на резултатите е можна политичка криза во земјава но, пописот можно е и да не почне.

    „Малку треба опструкции за пописот да биде неуспешен, а треба да се вложи многу напор за една ваква многу комплексна операција да успее. Самиот Закон и неговиот заштитен механизам, а и довербата помеѓу коалиционите партнери не остава широк простор за евентуални такви проблеми. Сепак, сѐ ќе зависи од тоа како ќе се одвива самиот процес. Гледаме дека досега имавме некои неконзистентни изјави на првиот со вториот човек во Статистика. Директорот на Статистика знае да настапува и погрешно да ги толкува некои работи. Ако тоа е случајност, тогаш е во ред. Затоа, велам дека сè зависи од процесот. Што се однесува до пандемијата, не мислам дека таа може да биде реален ризик но, ако се оцени за ризик, секако дека за тоа надлежната комисија ќе го каже своето мислење и конечниот збор ќе биде нејзин. Но ако ме прашате лично, мислам дека тешко ќе се реализира сето ова. Јас очекувам дека, доколку процесот почне тој и ќе биде завршен како што треба, ама јас мислам дека нема да почне“ изјави ректорот Беџети, без да образложи зошто мисли дека пописот нема да почне, дали поради пандемијата или поради нешто друго.

    Зборувајќи за разликите помеѓу пописот во 2011 и овој од 2021, Беџети посочи дека сегашниот Закон за попис има многу повеќе зештитни механизми, а и довербата помеѓу коалиционите партнери е многу поголема.

    „Има две работи по кои се разликуваат пописите од 2011 и овој од 2021 година. Законот за попис од 2011 беше доста двосмислен и оставаше простор за разни интерпретации од секоја страна, а сето тоа беше поврзано со нашите граѓани кои работат и живеат во странство. Сега ова е доста изричито внесено во Законот и не остава толку простор за произволно толкување. Вториот проблем беше во довербата кон институциите. Во тоа време недовербата беше многу голема, а и немаше некој механизам за заштита, за разлика од сега кога Законот го обезбедува ова, како што е на пример поврзаниот потпис. Сѐ уште постојат недоречености во самиот Закон и во неговата примена. Имено, во однос на внатрешната миграција во државата, кога граѓани се преселиле во други градови, а не го одјавиле старото живеалиште, постои веројатност за двојно попишување, па така тоа може да го донесе во ризик кредибилитетот на резултатите од пописот. Иако ќе има вкрстување на податоците не сум баш сигурен дека платформата, односно програмате е направена така за да тоа го оневозможи“, посочува Беџети.

    Професорот на УЈИЕ Јетон Шасивари, еден од учесниците во панел-дискусијата, е на мислење дека нема да има проблеми со спроведувањето на пописот, дека треба да покажеме сериозност како држава и да се извлечеме од таа група држави кои со децении немаат спроведено попис на населението.

    „Како држава имаме меѓународна обврска да спроведеме попис и така да покажеме сериозност како држава. Меѓународната правна основа е солидна, а исто таква е нашата национална правна основа. Имаме Закон за попис, постои и методологија, а и Државниот завод за статистика се очекува да биде на ниво на обврските и надлежностите. Се разбира дека ќе има дилеми во овој период, но се очекува тие дилеми на разумна основа да се надминат и државата да покаже капацитет дека има можности и е спремна да спроведе успешен попис“, вели Шасивари.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира