Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски вели дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера организирал на седницата на Советот да се случи напад сличен на оној со шамарите во Центар во 2013. Јакимовски вели дека Мицкоски организирал партиски членови вчера да дојдат на седницата на Советот и да предизвикаат општ хаос кој можел да заврши и како организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.
„Јас вчера ги повлеков сите точки од дневен ред со една единствена цел, затоа што бев известен дека веќе наша колешка два пати била удрена. Како искусен политичар сакав да го избегнам ова сценарио кое што беше многу слично со ‘шамарите во Центар’, но таму нивните членови беа надвор, а тука, нивните членови и со заведени граѓани беа внатре и можеше да настане општ хаос кој што многу ќе не потсетуваше на 27 април. Сакајќи да избегнам евентуални физички пресметки каде потоа ќе имаме истраги, притвори и така натаму, да го заштитам и дигнитетот и угледот на Општината, како и тие граѓани кои дошле и советниците и вработените, јас ги повлеков точките од дневен ред, со цел да се смири целата ситуација“, рече Јакимовски на денешната прес-конференција.
Летото во 2013, беа организирани протести на граѓани со образложение дека се против наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица Македонија во Скопје, а всушност причината беше да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“. Во тој период локалната власт во Центар ја имаа СДСМ и коалицијата, со Андреј Жерновски како градоначалник, додека извршната власт и Градот Скопје беше под власт на ВМРО-ДПМНЕ.
Јакимовски денес кажа дека во Деталниот урбанистички план за делот кај студентскиот дом „Гоце Делчев“ нема ништо спорно, бидејќи булеварот Македонија за кој се противат граѓаните е нацртан уште од Кензо Танге и предвиден во сите досегашни Генерални урбанистички планови, па и во последниот донесен од Коце Трајановски.
„Мицкоски многу го пече прашањето за хидроцентралите, а прашањето е многу едноставно, само да каже на колку години ја направил првата хидроцентрала. Ако каже, ќе видите дека му е батко на Дрин Ахмети, дека не е многу постар од него кога ја направил“, рече Јакимовски.
А. АНТЕВСКА