МЈУЗИКЛОТ „КАО КАКАО“ ЌЕ ГО ОТВОРИ „БИТФЕСТ“ НА 19 ЈУНИ

    МЈУЗИКЛОТ „КАО КАКАО“ ЌЕ ГО ОТВОРИ „БИТФЕСТ“ НА 19 ЈУНИДел од екипата на денешната прес-конференција во Битола. (Фото: СДК.МК)

    По премиерата на 2 јуни во Скопје, мјузиклот „Као какао“  првото гостување ќе го има на 19 јуни, на отворањето на 18. Битолското културно лето „Битфест“, во 19:30 часот во Големата сала на Центарот за култура во Битола. Во режија на Дејан Пројковски, „Као какао“ е приватна продукција на „Баги комуникации“.

    Влатко Стефановски, од чија музика е инспириран мјузиклот и насловен по истоимениот албум на легендарната група „Леб и сол“ од 1987 година, на денешната прес-конференција емотивно зборуваше за неговиот починат брат,  големиот драмски писател Горан Стефановски (1952-2018). На прашањето дали мисли дека поинаку ќе го напишеше делото доколу го пишуваше неговиот брат Горан, а не сегашниот автор, писателот Венко Андоновски, Стефановски одговори:

    „Цело време го гледам духот на Горан присутен зашто Венко Андоновски има огромен респект кон делото на Горан Стефановски. Тие двајца беа пријатели. И Венко признава многу доблесно и скромно, кажува: ‘Почнав да свирам гитара, но не успеав да те надминам тебе, почнав да се занимавам со книжевност, ама не успеав да го надминам Горан’. Дури провејува во неговиот текст духот на Горан, во неколку реплики има и цитати од неговите драми и тоа е многу убаво. Не е работата да се тргнат на страна сите и некој да рече ‘Гледајте ме мене и чудете се’, туку да има еден природен континуитет, природно наследство од генерација во генерација и тоа е убаво што е така. Не можеме многу напред да отидеме ако не сме свесни од каде доаѓаме и кој бил пред нас“, рече Влатко Стефановски.

    Режисерот Дејан Пројковски, кој е битолчанец, рече дека мјузиклот на некој начин се враќа дома во Битола. Таму е роден Горан Стефановски, па оттаму рече дека и Влатко е полубитолчнец, а дел од екипата се и сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска и гитаристот кој ги свири солата на Влатко, Стефан Петановски, сите од Битола.

    За првпат организацијата на „Битфест“ ја презема институција, односно Културно информативнот центар (КИЦ) Офицерски дом, а Општина Битола ќе биде покровител. Директорот Димитар Михајловски рече дека деновиве ќе соопштат колку ќе чинат влезниците за „Као какао“.

    Продуцентите на мјузиклот, „Баги комуникации“, велат дека оваа приказна ќе се рашири со изведби низ поранешна Југославија.

    Ж.  ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира