МЛАДИ НЕИМАРИ ОД ПУСТЕЦ 15 ГОДИНИ ГРАДАТ ЦРКВИ ВО ШТИПСКО

    МЛАДИ НЕИМАРИ ОД ПУСТЕЦ 15 ГОДИНИ ГРАДАТ ЦРКВИ ВО ШТИПСКОНеимарите од Пустец последните 3-4 години се ангажирани во изградбата на црквата „Св. Наум“ во Стар Караорман. (Фото: СДК.МК)

    Група млади градежници од општина Пустец во Албанија повеќе од 15 години се главни мајстори на црковни објекти во Штип и Штипско. Тие како искусни неимари се најбарани на Балканот, а најмногу во Македонија.

    Браќата Бојан и Лазе Николовски и нивниот соселанец Нестор Печовски се родени во селото Шулин од единствената македонска општина во Албанија. Како што велат, го одбрале Штипскиот Регион затоа што во последните години имало експанзија во градењето верски објекти, па имало голема потреба од вакви стручни лица.

    „Овој занает го изучивме како млади, уште кога за време на летен распуст им помагавме на родителите и на други наши роднини и пријатели кои градеа цркви ширум Македонија. Во последните десетина години добивме понуди за градење цркви посебно во Источна Македонија, што со задоволство ги прифативме“, вели Бојан Николовски.

    Печовски исто така е задоволен што нашле работа од која егзистираат и тие и нивните семејства. Ги посетуваат кога временските прилики се неповолни и кога нема работа, но велат дека и нивните семејства некогаш доаѓаат во Штип, каде моментално се сместени.

    „Да се изгради една црква потребно е неколку години. Денес црквите главно се градат со донации, па како се добиваат донациите во градежен матаријал, таков е и интензитетот на градењето“, велат тројцата неимари од Пустец.

    Тие учествувале во изградбата на неколку православни цркви во Штип и Штипско. Последно работеле на црквите „Покровита Богородица“ и „Св. Димитриј“ во Штипско Ново Село и на црквата „Св. Константин и Елена“, која се изгради пред четири години во приградската населба Балканска во Штип. Во последните 3-4 години тие се ангажирани во изградбата на црквата „Св. Наум“ во Стар Караорман, најнова штипска приградска населба, која има 450 куќи и над 2.000 жители.

    „Црквата беше дамнешна желба на жителите на Стар Караорман. Потребни се уште многу средства за црквата целосно да се оформи. Целиот градежен материјал се набавува од донации“, вели Борче Стојанов, кој е вработен во градинката „Бамби“ и слободното време го посветува на црквата.

    Печовски, браќата Николовски и жителите на Стар Караорман се надеваат дека црквата ќе биде брзо изградена, по што ќе следи и внатрешното фрескоукрасување.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира