Огромен број млади секојдневно се соочуваат со недостиг на блиска и доверлива личност да споделат како се чувствуваат, немаат некој да ги праша како се и да ги допре за поддршка. Наспроти тоа, се препуштаат на интернетот кој е бегство од реалноста и ги отуѓува од средината. Ова се дел од поразителните податоци за менталното здравје на младите што ги покажа јавната дебата „Интернет- кој кого користи- јас него или тој мене“, што во организација на „Про локал“, а со поддршка на Холандската амбасада се одржа во Битола.
„Податоците покажуваат дека 37 проценти од младите на УКИМ имаат потреба некој да ги праша како се. Советувањата кај професионалци се премногу скапи, а оние преку ‘Мој термин’ во државните институиции се многу малку достапни. Младите треба да побараат пристап до бесплатно советување зашто 35 процнети страдаат од анксиозност и 30 проценти од депресија. Депресијата ќе биде новата болест на современото време“, рече Софија Аранудова, професорка на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје каде е отворено бесплатно советувалиште за унапредување на менталното здравје на студентите.
Ако младите имаат навика секој ден по 4-5 саати да трошат на Интернет, секако дека тој ги користи нив, а не тие него, сметаат експертите.
„Зависноста од Интернет е недостаток на слободен избор. Тоа време предизвикува кај младиот човек своите други компетенции и потенцијали да не може да ги развие. Тоа е на некој начин ментална анестезија од сите надворешни случувања, бег од реалноста. Таквото бегство на почетокот има смирувачки карактер, но подоцна ги отуѓува луѓето меѓусебно, ги губат своите желби и цели и го живеат животот од денес за утре“, вели Станислав Петковски, специјалист по клиничка психологија и семеен системски терапевт.
Здружението на граѓани „Про локал“ во рамки на проектот „Зајакнување на луѓето од Пелагонија“ ги запраша младите за што сакаат да дебатираат. Тие го одбраа менталното здравје неколку месеци пред трагедијата со 10 жртви во Србија каде ученик застрела соученици и чувар во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград.
„По оваа јавна дебата не сакаме веќе во Пелагонија менталното здравје да биде табу тема. За жал, она што го добиваме како фидбек од младите е дека не се чувствуваат слободни за своите предизвици, за своите ментални и емотивни состојби да зборуваат со најблиските, со другарите. Одговорот е дека социјалните мрежи се доказ оти и кога нешто ќе кажат се плашат дека ќе биде обелоденето јавно, со скирншоти, снимки и дека тоа всушност не останува во интимната релација меѓу другарите, туку станува нешто што е јавно. И во истиот тој момент се наидува на осуда, потценување, презир. И на крајот од денот, оној што споделува завршува уште понесреќен и уште помалку храбар да зборува“, рече Емилиа Героска од „Про локал“ од Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА