МЛАДИТЕ СЕ ИСЕЛИЈА, СЛАВНО КРУШЕВО ДЕНЕС ГО КРЕПАТ САМО ПЕНЗИОНЕРИ

    МЛАДИТЕ СЕ ИСЕЛИЈА, СЛАВНО КРУШЕВО ДЕНЕС ГО КРЕПАТ САМО ПЕНЗИОНЕРИНема официјален податок за иселувањето, но еснафите од чаршијата кои денес се бројат на прсти, велат дека во Крушево останале да живеат само третина жители од пред петнаесетина години (Фото: СДК.МК)

    Се празни градот каде се удрени темелите на македонската револуционерна борба. Славно Крушево, од каде пред повеќе од еден век одекна гласот за првата република на Балканот, денес станува сѐ потивко. Зафатено од силен иселенички бран, градот на револуцијата денес го крепат претежно пензионери. Според прогнозите на жителите, Крушево  е на добар пар да стане втор Галичник.

    „Во Крушево нема живот како некогаш. Останавме само пензионерите. Младите скоро сите го напуштија градот. Местово ќе стане втор Галичник  во догледно време. Младите заминуваат кој каде што може, градот тоне, нема работа, полошо е отколку пред Илинденското востание за егзистенција“, разочарано вели Нико Курета, пензионер од Крушево.

    Зафатено од силен иселенички бран, градот на револуцијата денес го крепат претежно пензионери (Фото: СДК.МК)

    Нема официјален податок колкав број крушевчани го напуштиле родното место во потрага по подобра егзистенција. Но, еснафите од чаршијата кои денес се бројат на прсти, велат дека бројките се поразителни, останале да живеат само третина жители од пред петнаесетина години. Младите од Крушево претежно заминуваат за Словенија, а ги има и низ другите европски држави.

    „Миграцијата си го наплаќа данокот. Крушево имаше околу 5.500 жители, а сега според неофицијални бројки за кои се повеќе можете да слушнете во чаршијата, останаа уште 1.700 жители.  Од младите во градот ги имаме само средношколците, па затоа опстојуваат најмногу кафулиња и сендвичари. Но, и тие, по завршувањето на средното училиште заминуваат во други градови на факултет и таму наоѓаат работа“, вели Коста Хасанов, вработен во единствениот дуќан кој остана за производство на далеку познатите крушевски целуфки.

    Коста Хасанов е вработен во единствениот дуќан кој остана за производство на далеку познатите крушевски целуфки (Фото: СДК.МК)

    Од некогашната прочуена крушевска чаршија, денес останал по некој златар и чевлар. Занаетчиските работилници денес се претворени во колонијали и сендвичари, а дел од дуќаните ги затекнавме и со катанци на вратите. Угостителите се жалат на намален промет преку годината.

    „Дуќаните се затвораат , многу е тешко. Работиме од сезона во сезона. Во зима еден месец и во лето два месеца, и тоа благодарение на параглајдеристите што доаѓаат зашто се одржува тука европско, светско првенство. Јас останав без работа, па го отворив  ресторанот пред девет месеци и сега е многу слабо. Имавме една фабрика во градот и таа ја затворија, па единствено вработување има во администрација“, вели Кочо Костов, сопственик на ресторанот „Под липите“.

    Општина Крушево не одговори што презема за да го намали бројот на невработени и иселеничкиот бран.

    Според официјалната веб страна на Општината, како број на жители сѐ уште се води податокот од пописот во 2002 година кога биле 5.330 крушевчани во градската средина. На страницата е забележано дека има значаен пораст на миграцијата на работоспособно население во други општини и надвор од државата. Невработеноста се опишува како последица од транзицијата, а фирмите кои работеле тогаш ги промовираат како можност за влез на потенцијални инвеститори, но како што е запишано, напорите не вродиле плод. Општината има изработено водич за инвестиции и локален план за вработување.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира