Бројни ранливи групи добиле помош од волонтерите на Црвениот крст, помош која е должна да ја даде државата и нејзините институции. И затоа времето поминато во вакви активности не е загубено и пропуштено, туку богатство со кое секој волонтер треба да се гордее, беше кажано на трибината по повод 30 години од активноста на програмаа Промоција на хумани вредности (ПХВ), одржана во Велес.
Повеќе од илјада волонтери од градот, во овие три децении со стотина проекти помогнале на исто толку граѓани од ранливи категории. Деца на 15 години работат и создаваат проекти со кои им помагаат на лица, семејства и на заедницата, на кои возрасните не се сетиле.
„Ова што вие го работите, а и ние пред 10-15 години, е обврска на државата и општеството. Ако немате претстава што сте направиле, замислете што би било кога тоа што го сработивте не би постоело. За жал, сите институции не се погрижиле за овие целни групи, туку вие, млади, со вашето слободно време, со вашите активности, со вашиот ентузијазам, сте завршиле работа која требало да ја направат возрасните. Затоа бидете горди сами на себе и на вашите дела“, рече Пенчо Андреевски, поранешен активист и волонтер на Општинската организација на Црвениот крст во Велес.
Кажa дека организацијата и дружењето го изградиле многу повеќе од кое било формално образование кое го има, а добиеното искуство му помогнало да стане личност каква што е сега.
На трибината, говорниците се потсетија на нивните инвентивни проекти со кои младите волонтери собрале средства и помогнале на различни, пред сè, ранливи групи во Велешко на кои им требало помош.
„Јас сум мајка на лице со аутизам, кое, како и другите нему слични, се подзаборавени во општеството. Искрено, ми беше голема чест што некој помисли на него и воопшто на лицата со посебни потреби, дека некој сака да направи нешто за нив. Волонтерите помогнаа многу, максимално се дадоа во дружењето со мојот син, имаа голема емпатија и љубов, во сите ситуации и сите потреби“, кажа Амела Аризотова, мајка и корисник на ПХВ проект.
Годинава, волонтерите на велешкиот Црвен крст работеле на пет проекти во ПХВ. Еден за опремување на детска соба за три деца на семејство на кое му изгорела куќата. Вториот интеркултурен, меѓу млади од различни вери, а третиот за реновирање на простор каде младите волонтери се дружат и престојуваат. Четвртиот за издавање книга за лица со оштетен вид, а петтиот еколошки – поставување урбана опрема пред просториите на Црвениот крст.
„Младите се вложуваат себеси, своето време, за да му помогнат некому, без за тоа да добијат некаков надомест, материјален, финансиски. Можеби не можеме да го промениме целиот свет, но затоа можеме малку да го подобриме светот на еден човек“, кажа волонтерката Марија Матева.
„За овие три децении се сменија многу генерации, времиња, волонтери и околности. Но, едно остана исто – желбата да се вклучат и работат нешто корисно за други. Би сакала да им се заблагодарам на сите кои низ годините работеле, на волонтерите, дисеминаторите, сите кои верувале во младите и им овозможиле нивните идеи да добијат простор“, рече д-р Кевица Шопова-Клифова, претседателка на Црвен крст Велес.
Од 21 до 27 септември трае Неделата на промоција на хумани вредности.
П. ПЕЧКОВ



