МОДУЛАРНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО СЀ УШТЕ НЕ Е СТАВЕНА ВО ФУНКЦИЈА ОТКАКО БИЛЕ УТВРДЕНИ ГРЕШКИ ВО ИЗГРАДБАТА

    МОДУЛАРНАТА КОВИД БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО СЀ УШТЕ НЕ Е СТАВЕНА ВО ФУНКЦИЈА ОТКАКО БИЛЕ УТВРДЕНИ ГРЕШКИ ВО ИЗГРАДБАТАСе очекува болницата со 35 кревети да проработи наредната недела (Фото: З. Андонов)

    Модуларната ковид болница која се наоѓа во кругот на тетовската Клиничка болница сѐ уште не е предадена во употреба. Објектот е изграден, но при примопредавањето биле утврдени грешки во градежните работи кои сега треба да се отстранат. Освен ова, објектот сѐ уште не е поврзан на централниот систем за снабдување со кислорот. Од Клиничката болница, и покрај овие проблеми, очекуваат болницата со 35 кревети да проработи наредната недела.

    „Вчера беше направено примопредавање на објектот од страна на фирмата што го градеше, при што беа дадени забелешки за изведбата. Една од нив е лошо направениот под. Изведувачот на работите доби рок од пет дена да ги отстрани грешките. Модуларната болница доби вода и електрична енергија, но сѐ уште не е приклучена на централниот довод за кислород. Во контакт сме со фирмата која го изведува централниот систем на кислород и ни рекоа дека таа работа можат да ја завршат за два-три дена, бидејќи веќе поставениот систем е многу блиску до модуларната болница и лесно може да се поврзе. Ако не излезат некои други технички проблеми, можно е објектот да биде пуштен во употреба во текот на наредната недела“, изјави Артан Етеми, економски директор на Клиничката болница.

    Во тетовската болница засега има доволно слободни кревети за сите болни од ковид-19, но загрижува тоа што е намалена старосната граница на лицата кои доаѓаат на болничко лекување.

    „Во моментов, во Клиничката болница во Тетово има 41 ковид пациент. Голем дел од нив се во потешка здравствена состојба. Последниве три недели имаме поголем број пациенти на возраст од 38 до 55 години, што не беше случај во ноемврискиот пик. Исто така, сега имаме случаи кога пациентите доаѓаат на болничко лекување 3-4 дена откако им бил дијагностициран ковид, а во ноември доаѓаа дури по една недела. Сега имаме побурна и полоша клиничка слика кај пациентите. Овие три недели имавме и зголемен број починати од ковид-19 од Тетовскиот Регион, околу 26. Сепак, ако ги следиме дневните бројки на заболени, може да се каже дека имаме мало подобрување на ситуацијата“, вели Гзим Нуредини, раководител на Ковид центарот во Тетово.

    Според евиденцијата на Министерството за здравство, во Тетовскиот Регион има 674 активни случаи на ковид-19.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира