МОМЧЕ ВЛЕГЛО ВО ЗАПАЛЕНАТА КУЌА И УСПЕАЛО ДА ГО СПАСИ СОСЕДОТ ОД СМРТ ВО ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВO

    МОМЧЕ ВЛЕГЛО ВО ЗАПАЛЕНАТА КУЌА И УСПЕАЛО ДА ГО СПАСИ СОСЕДОТ ОД СМРТ ВО ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВOМомчето храбро влегло во запалената куќа и ризикувајќи го животот, успеало да го спаси соседот. (Фото: СДК.МК)

    Во вчерашниот пожар кој изби во куќа во тетовската населба Колтук се одвивала вистинска драма. Да не била големата храброст на едно младо момче, сопственикот на куќата во која избил пожарот сигурно ќе настрадал во пожарот. Момчето храбро влегло во запалената куќа и ризикувајќи го животот, успеало да го спаси соседот.

    „Херој! Во страшниот пожар којшто изби во Тетово, по кобни моменти поминати слушајќи плач и вресоци, јавно сакам да нешто да се истакне. Ќе зборувам за храброто момче, 25-годишниот М. М. кое повика ‘Или двајцата ќе излеземе или никој’, се втурна во бесниот оган и го спаси животот на човекот. Тој заслужува да се спомене и да се велича, зашто и покрај тоа што мајка му во плач викаше да не влегува во запалената куќа бидејќи дека жив ќе изгори, тој само мислеше како да го спаси соседот“, вели Ангела Андоновска од населбата Колтук.

    Местото на пожарот го посети и градоначалникот Билал Касами и во разговор со пожарникарите се запозна со ситуацијата и со последиците од големиот пожар.

    „Без загрижен од пожарот кој зафати неколку куќи во населбата Колтук и затоа веднаш излегов на лице место за да ја увидам ситуацијата. За среќа нема починати, но пожарот причинил голема материјална штета. Сакам да се заблагодарам на Територијалната противпожарна единица која навреме интервенираше и го локализира пожарот. Наскоро ќе им помогнеме на граѓаните кои настрадаа од овој пожар“, објави градоначалникот Касами.

    Денеска од Клиничката болница во Тетово беше соопштено дека повредениот во пожарот, 50-годишниот И. И., бил примен во Клиничката болница со изгореници од прв степен и откако повредите му биле третирани и му е дадена терапија тој е пуштен на домашно лекување.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира