МОСТОТ НА ВАРДАР НА ВЛЕЗОТ ВО ВЕЛЕС Е ВО ЛОША СОСТОЈБА, ОПШТИНАТА НЕМА ПАРИ ЗА САНАЦИЈА

    МОСТОТ НА ВАРДАР НА ВЛЕЗОТ ВО ВЕЛЕС Е ВО ЛОША СОСТОЈБА, ОПШТИНАТА НЕМА ПАРИ ЗА САНАЦИЈАМостот кај Башино Село кој е преоптоварен со сообраќај на товарни возила, пред 47 години е граден со мали растојанија од столб до столб, низок е и при секое надоаѓање на Вардар е во опасност да се оштети, сруши или преврти (Фото: СДК.МК)

    Загрижена за состојба на мостот на реката Вардар кај Башино Село, на влезот во Велес од правец на Скопје, локалната власт на Велес побара да се испита конструкцијата, бидејќи е стара 47 години. Кога во 1971 бил граден од тогашната Југословенска народна армија (ЈНА), мостот бил од времен карактер. Но при секое надоаѓање на реката, денес мостот е во опасност. Испитувањата ги предводи проф. д-р Елена Думова-Јовановска од Градежниот факултет во Скопје, која вели дека мостот е „немодерен и застарен, со дотраен материјал“.

    „Од првите испитувања се увидоа одредени оштетувања на мостовска конструкција. Потоа одиме со мерења на материјалите, па на вибрациите, преку сензитивна технологија. Тоа се амбиентални мерења, за да видиме како се однесува конструкцијата сама по себе и како со сообраќај. Мостот е граден по систем набивање на колови, за побрзо да се изгради. Испитувањата ќе покажат колку флексибилноста на овие столбови е (не)доволна за товарот кој го носи“, проф. д-р Думова-Јовановска, која работи за потребите на Заводот за испитување на материјали од Скопје.

    Заводот резултатите од мерењата и препораките за седум дена ќе ги достави до нарачателот, локалната власт на Велес.

    Заводот за испитување на материјали од Скопје го испитува мостот, увидени се одредени оштетувања на мостовска конструкција (Фото: СДК.МК)

    Екипите кои работат на испитувањата преброиле дека во еден час, дење, во работно време, преку мостот минуваат 39 шлепери, 43 полесни товарни возила и комбиња и 250 автомобили, за што стручните лица оценуваат дека е преголема бројка за локален пат. Според професорката Думова-Јовановска, мостот е граден со мали растојанија од столб до столб, низок е и при секое надоаѓање на Вардар тој е во опасност да се оштети, сруши или преврти.

    Мостот од пред 10-тина години е на локален пат, иако тој претходно беше регионален. Ги спојува населените места во општините Велес и Чашка. Целиот товарен сообраќај од и кон Чашка, Богомила и Извор се одвива преку него. Или, целата дрвна маса која ЈП „Македонски“ шуми ја сече од планинскиот масив на Јакупица, каменот кој се обработува од каменоломите во регионот на Азот, преработките од варницата во Превалец, сè тоа минува преку овој мост.

    Целата дрвна маса која ЈП „Македонски“ шуми ја сече од планинскиот масив на Јакупица, каменот кој се обработува од каменоломите во регионот на Азот, преработките од варницата во Превалец, сè тоа минува преку овој мост; – од чистење на коритото на Вардар (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Велес Аце Коцевски, по чие барање се врши испитувањето, најави дека по добивањето на резултатите треба да порача проект за трајна санација, кој би бил од времен карактер, сè до изградба на нов мост. За тоа ќе биде потребно патот да биде повторно регионален, заради санацијата на постојниот и изградба на новиот мост, тоа да се работи со средства од државниот Буџет, оти Општина Велес нема толку пари за ваква голема инвестиција. Градоначалникот стравува што ќе се случи ако стручните лица препорачаат дека мостот на Вардар кај Башино Село треба да се затвори од безбедносни причини.

    „Можеме да претпоставуваме што ќе се случи со централното градско подрачје во Велес, оти тогаш целиот овој товарен сообраќај ќе мине низ центарот на градот. Градот ќе биде парализиран од товарни возила, а загадувањето на воздухот ќе биде енормно“, рече Коцевски.

    Тој демантира дека причината за испитувањето на состојбата е паѓањето на мостот во Џенова изминатава недела. Посочи дека постапка за избор на изведувач на мерењата е почната далеку пред да се случи несреќата во Италија.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира