Мостот во Аеродрoм ќе биде готов во април, а булеварот АСНОМ кој ќе минува низ Керамидница догодина, кажа денеска градоначалничката Данела Арсовска. Станува збор за проектот за кој на 17 декември на брифинг со новинарите Арсовска кажа дека нема да се заврши, оти нејзиниот претходник Петре Шилегов почнал да го реализира проектот без да се расчистат имотно-правните работи.
„Нема да се заврши, ќе биде мост за ловење риба. Ќе биде нешто што нема никаков ефект и бенефит за граѓаните. Постапката за да се заврши тој мост ќе трае десетина години. Ние ќе почнеме да ги решаваме, но кога ќе ги решиме е прашање на време и не знаеме кога ќе се заврши. Што сега секој нареден градоначалник ќе биде крив затоа што претходникот го почнал, а не ги решил прашањата ниту пак планирал да ги реши“, рече Арсовска еден месец по доаѓањето на градоначалничката функција.
Денеска Арсовска беше на увид на градежните работи и за разлика од нејзината прва изјава за овој проект, сега кажа дека тој се работи и целосно ќе биде готов кон втората половина на наредната година. Кажа дека таа за разлика од минатиот градоначалник Шилегов за четири месеци решила двојно повеќе имотни спорови.
„Најголемиот проблем во овој проект се експропријациите. Од 2018 година кога е започнат проектот имало 139 парцели и 136 објекти што треба да се решат или вкупно 275 постапки за експропријација. За три години успеале да решат 31 предмет, a за 8 влегле во постапка на спорење. Ние само за четири месеци решивме 82 предмети. Сите активности поврзани со мостот се завршуваат до 10 април годинава точно според предвидената динамика. Тендерирање на последна фаза во делот кај Керамидница, ќе се спроведе кон крајот на оваа година. Финалното завршување на бул. АСНОМ со сите три фази се очекува откако ќе ги решиме сите затекнати проблеми, и истиот да биде пуштен во употреба во втората половина на следната година“, рече Арсовска.
Мостот од Аеродром кон Гази Баба и пробивањето на булеварот АСНОМ низ Керамидница почна во март 2020 година. Вкупната вредност на проектот е 16 милиони евра. Мостот ќе го носи името на генерал Михајло Апостолски.
А. АНТЕВСКА