МУ ЈА СКРШИЛЕ ГЛАВАТА ОТИ ПРИЈАВИЛ ДРВОКРАДЦИ ВО СТРУМИЧКА ВАРВАРИЦА

    МУ ЈА СКРШИЛЕ ГЛАВАТА ОТИ ПРИЈАВИЛ ДРВОКРАДЦИ ВО СТРУМИЧКА ВАРВАРИЦАПо сослушувањето на сведоците и прибраните изјави од Јосе и неговите пријатели, полицијата го открила идентитетот на насилниците. - Нападнатиот Јосе Петров (Фото: СДК.МК)

    70-годишниот Јосе Петров од струмичкото село Градашорци едвај останал жив по нападот од непознати сторители бидејќи пријавил нелегална сеча на огревно дрво. Враќајќи се од пчеларникот од селото Варварица, од двајца негови пријатели дознал дека во семејната корија имало дрвокрадци со три запрежни возила. Веднаш го информирал брата си за да ја повика шумската и цивилната полиција без да претпостави дека биле следен од три лица кои најверојатно биле во спрега со крадците. Откако чуле дека се алармирани надлежните и се чека да пристигнат, од заседа го нападнале.

    „Се појавија три лица кои не ги познавам. Почнаа да викаат по мене, кој си бе ти да не пријавуваш во полиција. Еден зеде дрво и ме тресна по глава. Од ударот паднав а другите удираа по моето тело. Пријателите се обидуваа да ги оттурнат од мене но беа разулавени и нон стоп ме тепаа, а јас целиот бликав крв“, раскажуваше Петров, а по неговото тело сè уште беа видливи трагите од ударите со дрво, како и повредата на главата каде е шиен со 15 конци.

    Од струмичката полиција го потврдија инцидентот. По сослушаните сведоци и прибраните изјави од Јосе и неговите пријатели, го откриле идентитетот на насилниците.

    „Сторителите се откриени и по целосно комплетирање на случајот против нив ќе бидат поднесени пријави за физички напад“, информираа од СВР Струмица

    Јосе Петров вели дека во атарот на селото Варварица постојано има дрвокрадци кои место на официјалните сечишта крадат дрва од локациите кои се во приватна сопственост или пак се забранети од шумското стопанство.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира