МУТИРАЛЕ РИБИТЕ ДОНЕСЕНИ ВО ГОЛЕМОТО ЕЗЕРО НА ПЕЛИСТЕР ПРЕД ПОВЕЌЕ ДЕЦЕНИИ И ГИ ЗАГРОЗУВААТ ЕНДЕМСКИТЕ РАКЧИЊА

    МУТИРАЛЕ РИБИТЕ ДОНЕСЕНИ ВО ГОЛЕМОТО ЕЗЕРО НА ПЕЛИСТЕР ПРЕД ПОВЕЌЕ ДЕЦЕНИИ И ГИ ЗАГРОЗУВААТ ЕНДЕМСКИТЕ РАКЧИЊАДното на Големо Езеро е како музеј под вода и крие артефакти од Првата и Втората светска војна (Фото: „Врело“)

    Ендемското ракче кое живее во водите на Големо Езеро (2.218 мнв) на Пелистер е загрозено од рибите со кои пред повеќе децении неколкумина битолски планинари го порибиле, без да ги претпостават последиците. На ова предупредуваат нуркачите од спелеонуркачкиот клуб „Врело“, кои деновиве повторно нуркаа во Големото Езеро.

    Тие велат дека овојпат, нуркањето било повеќе авантуристичко, како еден вид тренинг, но ги потврдило нивните претходни сознанија дека ендемското ракче е загрозено.

    „Овој ендемски вид на рак е со максимална големина од околу три милиметри. Во моментов е загрозен вид, зашто некои планинари своевремено го порибиле езерото, несвесни дека со тоа ќе го нарушат биодиверзитетот. Во езерото има пастрмка, па и крап. Изгледаат малку чудно, дали поради надморската височина или поради планктонот со кој се хранат, тие се мутирани и во бојата. Рибата го јаде ракчето, главна исхрана им е планктонот, но јаде и друго“, вели Александар Ацев, нуркач од „Врело“.

    Членовите на спелеонуркачкиот клуб „Врело“ овојпат не успеале да фотографираат ниедно ендемско ракче (Фото: „Врело“)

    Заедно со останатите тројца колеги сакале да фотографираат, но не успеале да најдат ниедно ендемско ракче.

    „Рибата не би требало да живее во Големо Езеро. Разговаравме и со други лица на кои им е позната проблематиката. Треба да се тргне пастрмката и другите риби што се фрлени и да се исчисти езерото. Во тој случај ќе може да добие некој посебен статус како природна околина ненарушена од човекот и од предатори како што е рибата и да има жив свет автентичен само за езерото“, вели Ацев.

    Дното на Големо Езеро е како музеј под вода. Нуркачите внатре виделе бомби од Првата и Втората светска војна, друга муниција, шлемови, па и шишиња со француско вино, останати од војната пред повеќе од сто години.

    „Имаше скршени шишиња, Французите што ги носеле тука во Првата светска војна, а некои и полни со вино. Може да се извадат, но ние немаме такви ингеренции. За тоа требаат посебни протоколи и процедури, кои, ако не се запазат, експонатите ќе се уништат кога ќе се извадат на површина, зашто со години се на дното. Но, подобро е езерото да остане како музеј“, вели Ацев.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира