МУЗЕЈОТ НА А. ДЕН ДОЛАРД ГО ПОСЕТУВААТ ХОЛАНЃАНИ, ДОМАШНИТЕ ТУРИСТИ НЕ ЈА ЗНААТ ПРИКАЗНАТА ЗА ХОЛАНДСКИОТ ПИСАТЕЛ КОЈ ЈА ПРОСЛАВИ УБАВИНАТА НА ОХРИД

    МУЗЕЈОТ НА А. ДЕН ДОЛАРД ГО ПОСЕТУВААТ ХОЛАНЃАНИ, ДОМАШНИТЕ ТУРИСТИ НЕ ЈА ЗНААТ ПРИКАЗНАТА ЗА ХОЛАНДСКИОТ ПИСАТЕЛ КОЈ ЈА ПРОСЛАВИ УБАВИНАТА НА ОХРИДКнигата која ја пишувал од 1933 до 1939 година е љубовна приказна која се случува во Охрид, но и дава опис на улиците, луѓето, културата, градот, државата.(Фото: СДК.МК)

    Холандскиот писател, патеписец и новинар А. ден Долард со неговиот роман „Свадбата на седумте цигани“ е главниот промотор на Охрид и државата поради кој денес нѐ посетуваат илјадници туристи од Холандија, велат туристичките работници. Според нив тој е човекот кој ја направи Македонија хит дестинација во последните 20-30 години за секој Холанѓанец барем еднаш да ја посети државата. Тој ја прослави убавината на Македонија, посебно на Охрид и Охридското Езеро.

    „Културниот и руралниот туризам, Охридското Езеро, а пред сѐ приказната на холандскиот писател А. ден Долард, ги привлекува туристите од Холандија да дојдат на охридско-струшката ривиера“, сметаат туристичките работници од Македонија.

    А. ден Долард кога дошол во Македонија се заљубил во традицијата, луѓето, начинот на живот на локалното население. Книгата која ја пишувал од 1933 до 1939 година е љубовна приказна која се случува во Охрид, но и дава опис на улиците, луѓето, културата, градот, државата. Во 1941 година е објавена првата верзија на книгата која низ годините претрпела 24 различни верзии од различни публицистички куќи.

    Книгата станува позната во 1950-1960-те години и оттогаш нашата земја станува омилена дестинација кај холандските туристи. Првите холандски туристи пристигнале во Охрид во 1970-те години токму благодарение на романот „Свадбата на седумте цигани” или познат и како „Охридска свадба”, во кој се вели ‘Охрид е место кое мора да се посети’. Авторот една деценија од животот го минал токму во Охрид.

    „Во Охрид престојувал неколку години, а според податоците кои ги имаме престојувал наспроти местото каде сега е холандскиот парк. Тука дошол како истражувачки новинар, фотограф, но толку бил фасциниран од историјата, културата, гостопримството што кога ќе снемал средства, за да остане, им помагал на локалните жители“, вели Крсте Пурцов сопственик на Музејот на А. ден Долард кој се наоѓа во стариот дел на градот.

    Во Музејот посветен на животот и делото на холандскиот писател се чува најголемата негова колекција на книги, како и личните работи, машината за пишување стара повеќе од седум децении, неговиот телефон, лични писма напишани за неговата жена и лулињата. (Фото: СДК.МК)

    Денес Холанѓаните се едни од најбројните странци на охридската ривиера, но и најбројни посетители на Музејот посветен на животот и делото на холандскиот писател каде се чува најголемата негова колекција на книги, како и личните работи, машината за пишување стара повеќе од седум децении, неговиот телефон, лични писма напишани за неговата жена и лулињата.

    „Музејот ја промовира релацијата помеѓу Македонија и Холандија, културно катче каде што Холанѓаните можат да дојдат и да се чуствуваат како дома. Ова место постои од 2011 година најпрво како мала изложба на книги во кои А. ден Долард го спомнува Балканот, Македонија и Албанија, а низ годините Холанѓаните кои дошле и повторно се враќаат назад во знак на поддршка носат книга“, вели Пурцов.

    Музејот секоја година има по неколку илјади посетители, голем број холанѓани, групи, индивидуалци, пријатели стекнати низ годините, амбасадори, роднини на пистаелот и неговата фамилија. Наши туристи и посетители имало многу ретко оти не ни знаеле дека постои таков Музеј, но и дека има писател од Холандија кој е заслужен за промоцијата на државата. Пуцков вели дека е потребно да се постават информативни табли и да се организираат повеќе настани од културно-информативен карактер за да се подигне свеста кај локалното население.

    „Холанѓаните се народ кој повторно се враќа на местото каде што се чувствуваат убаво. Некои дури и купуваат апартмани, станови оти Охрид, а и Македонија е местото каде би сакале да ги ужуваат пензионерските денови“, кажува Пурцов.

    Во минатото во Охрид посебна атракција беше и холандскиот парк на лалињата во близина на хотелот „Парк“ кој, како и самиот хотел, повеќе го нема.

    Постарите охриѓани носталгично се потсетуваат на овие времиња кои сега поради, како што велат урбаната мафија, им останале само во спомените и на некоја фотографија.

    „Безброј лалиња, различни сорти од секоја боја. Паркот беше преубав. Секоја година како традиција пристигнуваше нова сорта холандско лале. Се воодушевувавме на прекрасниот парк“, раскажуваат старите охриѓани.

    „Илјадниците лалињата беа донесени во 1975 година од збратимениот холандски град Катвејк и беа засадени во паркот во знак на пријателство со Охрид, кој им стана познат на холанѓаните од книгата ‘Свадбата на седумте цигани’ од писателот А. ден Долард и оттогаш стана нивна омилена туристичка дестинација“, се сеќааваат повозрасните.

    Историчарот, доцент д-р. Никола Митровиќ-Бабе вели дека градот Охрид има тесна поврзаност со градовите од Холандија од културен аспект која се негува уште кон средината на 20. век, а својата експанзија ја доживува кон средината и крајот на 90-тите од минатиот век.

    „За ваквиот пристап на градот Охрид со одредени холандски градови можеме да наброиме неколку примери. Особено е важно што градот Охрид се споредувал со холандскиот град Харлем кој бил познат по лалињата, а градот Охрид го добил епитетот ‘Харлем на трендфилите’. Тоа им било привлечно на оние холандски туристи до кој допрел овој епитет па постепено започнале најпрвин поединечно па и организирано да го посетуваат градот Охрид. Охрид навистина бил познат по парковите со трендафили, цвеќиња кои не случајно биле одбрани бидејќи пред сѐ биле убави по својот цвет, ги имало во неколку бои и траеле доста долго со нивниот цвет, од рана пролет до доцна есен, а за тоа и не брале многу голема грижа“, вели доцент д-р. Никола Митровиќ-Бабе.

    Книгата станува позната во 1950-1960-те години и оттогаш Охрид станува омилена дестинација кај холандските туристи.(Фото: СДК.МК)

    Тој раскажува дека по излегувањето на романот на А. ден Долард “Охридска свадба” експанзијата на холандските туристи и тоа како се зголемува со што градот Охрид бил претставуван како летно одморалиште на холандскиот народ.

    „Во рамките на добрата соработка на тогашна Југославија и Македонија т.е градот Охрид во чест на многуте холандски туристи на плоштадот бил подготвен и создаден т.н парк на лалињата со цел холандските туристи да се чувствуваат како дома“, додава Митровиќ-Бабе.

    Особено значајно за холандските туристи биле и околните планини покрај Охридското езеро. Поради тоа што Холандија е ниска и рамна земја многу често се правеле и тури низ околните планински села, а особено атрактивно било планинското село Велестово каде холандските туристи се носеле со магариња, како дел од атрактивната туристичка понуда на градот.

    Холанѓаните ја сакаат Македонија заради планините, езерата, храната, но повеќето доаѓаат привлечени од приказната за некогашниот Парк на лалето, но и да го посетат Музејот и споменикот на писателот кој е поставен во холанскиот парк „Ден Долард“, каде има и статички портокалови велосипеди, како едно од обележјата на Холандија.

    Романот „Свадбата на седумте цигани” следната година ќе биде преведен на англиски јазик со што Охрид ќе се промовира и во многу други држави.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира