МУЗИЧКА БИБЛИОТЕКА НА ШИРОК СОКАК НА ПРВАТА БИТОЛСКА БЕРЗА НА ВИНИЛИ

    МУЗИЧКА БИБЛИОТЕКА НА ШИРОК СОКАК НА ПРВАТА БИТОЛСКА БЕРЗА НА ВИНИЛИЗа првпат во Битола можеа да се купат плочи организирано на едно место. (Фото: СДК.МК)

    Во Битола за првпат се организираше берза на винили во склоп на младинскиот арт фестивал „Битола отворен град“. На Широк Сокак десеттина излагачи им понудија на музичките познавачи и љубители, стотици плочи со цена и вкус за сечиј џеб.

    „Плочите се вратија на голема врата, иако за нас како почитувачи на овој носач на звук, никогаш не излегле од мода. Плочите денес стануваат и работа на престиж. И кај повозрасните генерации кои веќе можат да зборуваат за свои богати колекции, а младата генерација винилите почнува да ги сака“, рече Марко Стојковски кој е дел од мрежата на винил берзи на Балканот.

    Меѓу посетителите имаше познати колекционери на плочи од Битола, музичари, диџеи и пасионирани почитувачи на квалитетна музика. За првпат во Битола можеа да се купат плочи организирано на едно место, а тоа да не е онлајн купување. Битола има пасионирани колекционери на винили, но недостигаше едно вакво неформално собирање и дружба. Винилите, по една долга пауза се вратија на убав начин, грамофоните повторно стануваат важен сегмент од домашна хај-фај опрема, а некогаш беа ставени во заборав.

    Фестивалот„ Битола отворен град“ по 21 пат го организира Младинскиот културен центар од Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира