Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи (МВР) ги испитува околностите под кои битолчанецот К. У., пријавен за физичко и психичко насилство врз 21-годишната партнерка, избегал низ прозорец од СВР Битола. Се испитува и евентуалната одговорност за неговото бегство. Во меѓувреме, полицијата трага по пријавениот, кој веќе петти ден е во бегство.
Девојката на 10 ноември пријавила дека била физички нападната од партнерот. Според нејзиниот исказ, тој околу година и пол се однесувал насилно кон неа и ѝ упатувал закани по живот. При последниот напад, како што пријавила, ја давел и ја удирал, по што побарала лекарска помош.
По пријавата, К. У. дошол во СВР Битола во придружба на родител. Но, кога му било соопштено дека ќе биде задржан, скокнал низ прозорецот и избегал од полициската станица.
Бидејќи пријавениот сè уште не е пронајден, девојката е сместена во шелтер-центар. Случајот доби публицитет откако нејзината мајка јавно проговори за настанот, изразувајќи страв за безбедноста на ќерка си и барајќи итна реакција од надлежните институции.
Од СВР Битола претходно соопштија дека на 10 ноември, во 23:10 часот, 21-годишна битолчанка пријавила дека околу 17 часот била физички нападната од нејзиниот партнер К. У. Според пријавата, тој подолг период физички и психички ја малтретирал и ѝ упатувал закани.
„Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот“, беше наведено во полицискиот билтен од 11 ноември.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



