На 13 октомври ќе бидат донесени пресуди за незаконското назначување директори во училиштата во Велешта и во Струга, во која постапка првообвинет е струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.
Обвинителството бара ефективна казна затвор, а одбраната смета дека нема докази оти Мерко е виновен.
Во струшкиот суд вчера во завршните зборови Мерко рече дека немал избор. Во услови на недостиг на кадар морал да назначува директори за непречно да тече образовниот процес.
Тој побара в. д. директорката на основното училиште во Велешта, Егзона Шеи, да биде ослободена од обвинение, оти како апсолвент сакала само да помогне да не останат децата без образование.
„Една година како градоначалник доаѓам во суд за назначување на в. д. директори. Јас одговорно тврдам дека немаше друг избор. Ќе немаше настава во сите 12 основни и 25 периферни училишта ниту плата, не сум дозволил ниту еден час да изостане, а учениците непречно да следат настава“, рече Мерко.
Според обвинителот Џемал Лога, Мерко во континуитет го вршел истото кривично дело во сите училишта.
„Тоа е продолжено кривично дело во сите школи. Иако свесен бил дека можел да се избира од присутните, од вработените во основните училишта да биде некој в. д. директор, а не тие што не ги исполнувале условите или некој од надвор како во случајот во ОУ ‘Браќа Миладиновци’ во Струга. Обвинението го поткрепивме и со вербални и со материјални докази. Мора да се почитуваат законите“, обвинителот Лога.
Градоначалникот Мерко се товари за незаконско именување на в. д директор во ОУ „Зини Хани“ во Велешта каде има повеќе обвинети кои се товарат за Несовесно работење во службата, а дел од нив се гонат и за кривичното дело Фалсификување исправи.
Директорката на училиштето Егзона Шеи се сомничи дека ја фалсификувала дипломата. Според извршените редовни и вонредни инспекциски надзори во училиштето, било утврдено дека именуваната директорка на школото не ги исполнувала условите за в. д. директорка оти немала уверение за положен испит, не поседувала сертификат за познавање на англиски јазик и немала 5 години работно искуство што е спротивно на Законот за основно образование.
Мерко претходно доби парична казна од 10.000 евра за незаконското поставување директори на училиштата во Лабуништа, Радолишта и Подгорци. Судијата Јордан Јованов го прогласи за виновен за кривичното дело Несовесно работење во службата.
Во случајот поврзан со набавката на луксузното „ауди А6“ Мерко доби ослободителна пресуда оти Судот утврди дека нема докази кои укажуваат дека имал намера да ја злоупотреби својата службена положба.
С. ВРЕНЦОВСКА