Жителите на кумановското село Речица бараат од надлежните да ја повлечат одлуката за закопување на угинатите свињи од африканска чума во близина на нивното село, бидејќи со тоа им се загрозува здравјето и животната средина. Тие тврдат дека близината од неколку километри е недоволно да се заштитат подземните води и обработливото земјиште на селото, а доведена е во прашање и безбедноста на животните во нивните фарми.
Закопувањето на угинатите свињи започнало по Нова година на државен имот на месноста Аџитепе на три километи од центарот на Куманово, каде што се наоѓа спортскиот аеродром. Во подножјето на височинката се наоѓаат населбите Долно Којнаре, Ново Куманово, Бедиње, Речица и Режановце. Жителите се плашат дека тука ќе се направи депонија која ќе биде за потребите на целата општина.
„Водата од Аџитепе се слива во реката и ние од тука пиеме вода. Ако тука се закопаат 600-700 свињи како што најавуваат тоа се 60-70 тони месо. Тие свињи се болни, тоа ќе се направи смрдеа која нема да може да се поднесува. Зошто болни свињи од други села да се донесуваат во близина на нашето село, ние сме сточарски крај имаме над 50 фарми, постои голема опасност болеста да се пренесе и кај нас. Правилникот вели дека свињите может да се закопуваат над 10 километри од населено место, а ние имаме 100 метри од асфалтниот патот кај поминуваме и 500 метри од нашите живеалишта“, вели Жика Стојановиќ, пензионер.
Жителите посебно се револтирани од однесувањето на ветеринарните и инспекциските служби на терен, кои не ги почитуваат процедурите кои ги налага законот во случаи кога се третира угинат добиток со заразни болести. Тие кажуваат, а поседуваат и слики и видеа, дека од камионите со кои се носат угинатите свињите тече крв, а се закопуваат во јами кои се дезинфицираат со рачна прскалка.
„Прашувам јавно да ми кажат дали е безбедно од камин кој е покриен со најлон да тече крв по цел пат додека се превезуваат свињите од селото Тромеѓа до Речица, и притоа да поминат низ другите населби. Има опасност од појава од заразни болести, ама никој не се буни. Ние протестираме и во име на жителите на Долно Којнаре, Режановце и за целиот град. Вчера нè приведоа во полицијата и ќе ни поднесат кривична пријава. Но, ние не застануваме тука, ќе одиме натаму, ќе тужиме и ќе се договориме за натамошните постапки“, вели Саша Стојановиќ, претседател на Месната зедница, кој е еден од четворицата приведени.
Досега никој од општинските или државни институции не ги посетил жителите, ниту покажал интерес да им помогне. Поради тоа, жителите на Речица немаат одговорот кој ја одредил локацијата за дива депонија за животни, иако се наоѓа во урбан дел на општината помеѓу повеќе приградски и селски населби.
„Инспекторот од Агенцијата за храна и ветеринарство наместо да ни објасни кој дал таква наредба тука да се копа, тој ни се заканува и ни покажуваат сила, ни вели дека ќе копа каде што тој сака. Решението за локација го добиле дури вчера на 6 јануари, а работат веќе една недела. Тврдеа дека има согласнот, па испадна дека немаат. Најверојатно и тоа ќе го направат во меѓувреме за да се покријат. Нè пријавуваат во полиција како да сме криминалци, а не дека го штитиме јавниот интерес. Со синиќешното приведување дополнително го иритираа наслението. Ќе мора да докажат на суд што и како работат, нема да дозволиме некој да си игра со нашето здравје и со нашата иднина“, вели Милош Станојковиќ, жител на селото.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) велат дека локацијата во селото Режановце на која се работи ја одредила општина Куманово.
„Закопувањето на угинатите животни од афиканска чума кај свињите и депопулираните свињи од фармата во село Тромеѓа, каде неодамна од оваа болест од 660 животни угинаа 60 свињи, се врши на локација во село Режановце која за оваа намена е одредена од страна на локалната самоуправа“, соопшти вечерва АХВ.
Куманово нема стандардизирана депонија за угинати животни. Во услови на појава на болест како што е африканската чума кај свињите, локалната самоуправа (Општината) има законска обврска да обезбеди локација за јама, најблиску до жариштето, во која ќе бидат закопани еутаназираните животни кои до таму се носат под надзор на официјален ветеринар.
Општина Куманово вчера одржа состанок на Општински штаб за заштита и спасување, на која било побарано сите надлежни органи да постапат во согласност со своите надлежности и овластувања, да се почитуваат сите мерки за спречување и сузбивање на ширење на болеста африканска чума.
С. НИКОЛИЌ