НА АУТИСТИЧНИТЕ ДЕЦА НЕ ИМ Е МЕСТОТО ВО ПСИХИЈАТРИСКИ БОЛНИЦИ, ПОТРЕБНИ СЕ РЕГИОНАЛНИ ЦЕНТРИ СО ОБУЧЕН КАДАР, ВЕЛИ ПСИХОЛОГ ОД РЕСУРСНИОТ ЦЕНТАР ВО БИТОЛА

    НА АУТИСТИЧНИТЕ ДЕЦА НЕ ИМ Е МЕСТОТО ВО ПСИХИЈАТРИСКИ БОЛНИЦИ, ПОТРЕБНИ СЕ РЕГИОНАЛНИ ЦЕНТРИ СО ОБУЧЕН КАДАР, ВЕЛИ ПСИХОЛОГ ОД РЕСУРСНИОТ ЦЕНТАР ВО БИТОЛААутистичните деца имаат поблеми со сите пет сетила, нив може да ги вознемири и мирис и боја“, вели Николовска-Ристановска. (Фото: СДК.МК)

    Местото на децата со аутизам не е во психијатриски болници, никако врзување и ограничување на движењето, нема да се враќаме наназад низ вековите, реагира Ирена Николовска-Ристановска која е родителка на дете со аутизам и психолог во Ресурсниот центар „Кочо Рацин“ во Битола. Нејзината реакција следува откако се откри дека 17-годишното момче со аутизам било врзувано додека се лекувало во Психијатриската болница во Демир Хисар. Ова наиде на огромен револт и осуда во јавноста, иако и болницата и министерот за здравство Фатмир Меџити тврдат дека врзувањето е доволено според протоколи дадени од експерти од психијатрија.

    За случајот остро реагираа и Хелсиншкиот комитет и Македонското здружението на млади правници, кои рекоа дека ќе поднесат претставка до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да го испита во рамките на своите надлежности, а во следниот период ќе спроведат мониторинг посети во сите психијатриски установи во нашата земја. Воедно, апелираат до сите граѓани кои имаат сознанија за слични случаи на нехуман однос на институциите да пријават и да добијат бесплатна правна помош.

    „Читам деновиве дека карактеристика на аутизмот е агресијата. Тоа не е точно. Тоа го изјави и министерот за здравство и јас се зачудив. Децета со аутизам се како сите други. Агресивни можат да бидат и типични и атипични деца во адолесценција. Кај аутистичните знае да биде поизразена зашто тие не се вербални, не можат да се изразат. Тие имаат поблеми со сите пет сетила. Нив може да ги вознемири и мирис и боја“, вели Николовска-Ристановска.

    Таа вели дека е потребен регионален центар за деца со аутизам.

    „Ако не знаеме како треба, тогаш е добро да пресликаме од соседните држави. Ете во Нови Сад, Србија, има еден прекрасен центар каде сè е како што треба да биде. Од физиотерапевти, дефектолози, логопеди, стручни лица кои константно се 24 часа над дечињата. Тоа значи дека родителот може да ги остави децата подолго време за да работи. Ние сме соочени со фактот дека нема каде да ги оставиме децата“, вели Николовска-Ристановска.

    Во Битола постои само Дневен центар за деца со попречености каде има лица со различни потреби и возрасти.

    „И настапува оној адолесцентен период кога родителите се исцрпени и физички, и емоционално, и финансиски и не знаат каде ќе завршат нивните деца по нивната смрт. Сите ние си го поставуваме тоа прашање секој ноќ пред заспивање – каде ќе завршат овие деца? Сега, покрај нас живи и здрави, се соочуваме со многу дискриминации, а замислете што ќе биде после нас“, вели таа.

    Барајќи соодветна институција која ќе им помогне за нивниот 17-годишен син со аутизам, кој покажал агресивно однесување во последно време, Салка Абдуловска и нејзиното семејство го однеле момчето на опсервација во Психијатриската болница во Демир Хисар. Откако го зеле по еден месец бил со рани по телото и тие велат дека бил врзуван со синџири.

    „Дали е тоа метод? Има рани на рацете, на нозете. Што да правиме за понатаму? Кому да се обратиме? Од сите инстиутуции бараме спас. Никој не не слуша. Не е само тој, има многу деца како моето. Вака не се смирува дете, ова е насилство“, рече вчера Абдуловска.

    Од Психијатриската болница во Демир Хисар изјавија дека пациентот е лекуван во таа установа во текот на изминатиот месец. Бил примен на упорно инсистирање на родителите, иако притоа беа запознаени со условите во установата и дека не станува збор за соодветна институција за негов третман. Од таму рекоа дека лекувањето е согласно медицина базирана на докази и во текот на третманот се бележеа одредени ситуации за кои е неопходно физичко ограничување. Тие се изведуваа согласно протоколите и дека родителите во текот на целиот третман беа навремено и редовно известувани за неговата состојба.
    И министерот за здравство Фатмир Меџити рече дека било постапувано според протоколи дадени од експерти од психијатрија кои дозволуваат повремено врзување.

    „Дeтето е лекувано според сите предвидени протоколи во случај кога такво дете може да биде агресивно, за да не си наштети самиот себеси, а ни на другите пациенти околу него. Затоа според протоколите што ги даваат експертите од психијатрија, таков случај може да се врзува само на одредено време за добивање на терапија“, рече Меџити.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира