ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА „ДЕМИР ХИСАР“ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НАШОЛ КАИШИ ЗА ВРЗУВАЊЕ, СИНЏИРИ СО КАТАНЦИ И ДЕБЕЛ КАБЕЛ

    ВО ПСИХИЈАТРИСКАТА БОЛНИЦА „ДЕМИР ХИСАР“ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ НАШОЛ КАИШИ ЗА ВРЗУВАЊЕ, СИНЏИРИ СО КАТАНЦИ И ДЕБЕЛ КАБЕЛНародниот правобранител Насер Зибери кажа дека во оваа психијатриска установа треба итни вработувања и итно реновирање од корен. (Фото: К. Попов)

    Катастрофална е состојбата со психијатриските болници „Скопје“ во Бардовци и „Демир Хисар“. Таму нема хигиена, има насилство и повредување, а во „Демир Хисар“ и опрема за врзување и тортура на пациентите, открил Националниот превентивен механизам (НПК) при Народниот правобранител.

    „Во болницата ‘Демир Хисар’ е страшно. Хигиената таму на најниско ниво. При посета на канцелариите на вработените, НПК откри кожни ремени за врзување и метални синџири со катанец. Во друга просторија бил виден цврст дебел кабел. На прашање зошто е тој кабел, одговор од вработените немаше. Ја нагласувам забраната за заплашување, малтретирање, повредување и тортура на пациентите“, кажа денеска Народниот правобранител Насер Зибери.

    Тој кажа дека во оваа психијатриска установа треба итни вработувања и итно реновирање од корен.

    Во болницата во Бардовци, од 397 по систематизација, пополнети се 318 места. Многу пациенти, малку персонал за таа специфична работа. Зибери побара итно да министерот за здравство итно да обезбеди дозволи за вработување и во двете институции.

    Во психијатриската болница „Скопје“, има и Судско одделение каде лежат осудени тешки психички болни, а кои се сторители на кривични дела.

    „Персоналот не може да воспостави ред во терапијата. Конфликтната ситуација меѓу пациентите е многу тешка. Се караат, се тепаат, а навечер е страшно кога има само едно техничко лице. Има и чести бегства од Судското одделение поради лошите услови, небезбедност, нередовна терапија. Бегствата на овие осудени психички болни се опасни, а знаат да траат од неколку часови, до повеќе денови, па и месец дена“, предупреди Зибери, кој даде и остра забелешка дека пресудите таму не се спроведуваат организирано.

    Владата, пак, за сите овие наоди за тешко кршење на правата на лицата и пациентите во затворени институции, на Народниот правобранител и на НПК, им враќа со континуирано кратење на средствата, секоја година. Тоа Зибери го нагласи и го нарече некоректност.

    Националниот превентивен механизам во затворот „Идризово“ нашол покатастрофална состојба со пренатрупаноста, од претходно, и овојпат покажа фотографии. На една од нив, 15 осудени лица натрупани во мала соба, математички немаа ни еден метар квадратен по човек.

    Во Воспитоно-поправниот (ВП) Дом „Тетово“, децата и натаму не учат, а како што тргнало Министерството за образование, настава ќе немаат ни во новата учебна година од септември.

    За најстрашните проблеми за кои денеска зборуваше Зибери, одговорни се министерот за здравство Фатмир Меџити, министерот за правда Кренар Лога, министерот за образование Јетон Шаќири, Мухсин Арифи директор на психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци и Ивана Кочовска, директорка на психијатриската установа „Демир Хисар“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира