НА БАРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ ДОГОДИНА НИЗ СТРУМИЦА ЌЕ СЕ ПОСТАВАТ КАМЕРИ ЗА ВИДЕОНАДЗОР

    НА БАРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ ДОГОДИНА НИЗ СТРУМИЦА ЌЕ СЕ ПОСТАВАТ КАМЕРИ ЗА ВИДЕОНАДЗОРЗасега не се знае колку камери ќе бидат поставени и на кои локации (Фото: СДК.МК)

    Идната година, во Струмица во соработка со полицијата се очекува да бидат поставени камери за видеонадзор во рамките на проектот „Струмица безбеден град“. На тој начин, полесно ќе се откриваат лицата кои праваат прекршоци и вандалски се однесуваат кон урбаната опрема. Ова го предвидува проектот што струмичани го изгласаа како приоритетен на Форумот на заедницата.

    Градоначалникот Костадин Костадинов кажа дека ќе бидат поставени камери насекаде во градот, а со системот ќе управува полицијата.

    „Јас сум благодарен што и СВР Струмица ја прифаќа оваа иницијатива бидејќи без мониторинг на безбедноста нема да се постигне вистинската цел. Во 2025 година низ целата Струмица ќе има камери со цел да ја лоцираме таа мала група луѓе кои ја вандализираат Струмица, палат контејнери и се надевам дека преку овој систем ќе го анулираме тој криминалитет“, кажа Костадинов.

    Тој немаше сознанија колку камери ќе бидат поставени и на кои локации. Сѐ уште било проектна иницијатива на која треба да работат секторски тимови.

    „Законот е донесен, а во делот на проектирањето ќе повикаме експерти од БЈБ и МВР. Тие ги знаат проблематиките. Но, треба да имаме проект за тоа, а ние го имаме како приоритетна иницијатива и треба во рамките на буџетот и со поддршка на Советот да обезбедиме пари и да ја отпочнеме постапката. Ова е голем инфраструктурен проект“, кажа Костадинов.

    Проектот „Струмица безбеден град“ беше предложен од граѓаните на Форумот на заедницата и доби најмногу гласови, со што беше прворангиран како приоритет за реализација во 2025.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира