НА ДНЕВЕН РЕД КОМУНАЛНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА, БИТОЛСКИТЕ СОВЕТНИЦИ ДИСКУТИРАА ЗА КОЊИ И МАГАРИЊА

    НА ДНЕВЕН РЕД КОМУНАЛНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА, БИТОЛСКИТЕ СОВЕТНИЦИ ДИСКУТИРАА ЗА КОЊИ И МАГАРИЊАМнозинство, предводено од СДСМ, најави дека ќе следува ревизија на материјалното работење на јавните претпријатија. - Од денешната седница на општинскиот совет во Битола (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Битола не ги прифати завршните сметки на јавните претпријатија „Комуналец“, „Водовод“, „Нискоградба“ и „Пазари“ за минатата година. Советниците од владејачкото мнозинство, предводено од СДСМ гласаа против, зашто како што беше кажано ќе следува ревизија на материјалното работење, во периодот кога со претпријатијата управуваа директори од претходната власт

    Советничката Габриела Илиевска од независната листа „Поинаку“ ги обвини советниците од власта дека гласаат исклучиво партиски.

    „На комисиската расправа добивме известување дека во јавните претпријатија состојбата е добра освен за ’Нискоградба‘. За ниедно друго претпријатие не слушнавме дека има долгови и проблеми. Советниците кои до вчера кога беа во опозиција критикуваа, сега имаа само едно прашање за директорот на зоолошката градина колку плаќал за да ја стопли водата за нилското коњче“, рече Илиевска.

    Советниците од „Поинаку“ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа да се обезбеди присуство на градоначалничката Наташа Петровска.

    „Очиледен е игнорантскиот однос зашто четири месеци не е присутна на седниците на Совет. На дневен ред се завршните сметки на јавните претпријатија чиј основач е општината, а неа ја нема“, рече Борче Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ.

    Петровска не дојде на седница зашто е на службен пат во странство, кажаа советниците од власта. Тие рекоа дека ќе дискутираат по завршните сметки кога за некој месец ќе пристигнат резултатите од ревизијата на материјалното работење во јавните претпријатија.

    „Маските паднаа, а тројанскиот коњ на ВМРО-ДПМНЕ се појави во Советот и статусот го докажа. Ќе се препознае кој е. Новите директори беа поставени во декември, десет дена пред завршувањето на годината. Во тек е тендерска постапка за ревизија во работењето на ЈП за 2017 година. Наместо градоначалничката да ја бараат да дојде, требаше да ги побараат директорите на ВМРО-ДПМНЕ зашто лани тие ги видеа претпријатијата“, рече Менде Илиевски од СДСМ.

    По ова збор зеде советничката од „Поинаку“ Илиевска која на советниците од власта им рече дека измешале коњи и магариња, но дека таа ќе продолжи да фотографира контејнерите со смет и да зборува за комуналните проблеми во интерес на граѓаните.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира