НА ФЕЈСБУК ПО ЦЕЛ ДЕН СЕ ЖАЛАТ ЗА ВОЗДУХОТ, А САМО 60 ОТСТО ИСКОРИСТИЈА СУБВЕНЦИИ ЗА ТОЧАЦИ ВО БИТОЛА

    НА ФЕЈСБУК ПО ЦЕЛ ДЕН СЕ ЖАЛАТ ЗА ВОЗДУХОТ, А САМО 60 ОТСТО ИСКОРИСТИЈА СУБВЕНЦИИ ЗА ТОЧАЦИ ВО БИТОЛА193 битолчани се пријавија на огласот, а средствата овозможуваат да им се даде надомест за купен велосипед на над 330 лица (Фото: СДК.МК)

    Битолчани недоволно ги искористија парите за субвенции за велосипеди што ги обезбеди Општина Битола како мерка за намалување на загадувањето во градот, иако на социјалните мрежи бурно реагираат за аерозагадувањето и густиот сообраќај. Искористени се само 60 проценти од еден милион денари наменети за субвенции за велосипеди. 193 битолчани се пријавија на огласот, а средствата овозможуваат да им се даде надомест за купен велосипед на над 330 лица. Општината субвенционира до 30 проценти од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари.

    „Дел од парите што останаа ќе ги пренамениме во субвенционирање печки на пелети со што ја продолжуваме нашата борба за почист воздух во Битола. Знаеме дека тоа не е доволно и дека проблемот со воздухот е долгогодишен и нема лесно да се реши. Но, обиколницата е напрaвена, ги субвенционираме печките на пелети и велосипеди. Деновиве ќе се распише и тендерот за изработка на нов сообраќаен план за движење во централното градско подрачје со што ќе го намалиме загадувањето“, рече Валентин Гуревски, претседател на Советот.

    Битолчани дури и за релации од половина километар изгледуваат со возила. Статистиката презентирана од групата „Битола на точак“ покажува дека минатата година во градот имало 25.024 возила, од кои 36 проценти или 11 394 возила се на нафта. Пред десет години возила на нафта биле 4.098 возила, со што ваквиот транспорт е зголемен за 178 проценти.

    „Многу работи за загадувањето не зависат од нас, но некои и зависат и нашите избори во животот влијаат и тоа како. Во моментот кога ќе престанеме себеси да се изземаме од големата слика на проблемот сме на прв чекор кон решението. 193 нови точаци по битолските улици! Иако многу мислеа дека нема да има интерес за оваа мерка, се покажа дека битолчани имаат потреба од точаци. Се надеваме дека оваа мерка секоја година ќе биде отворена во насока на поттикнување на незагадувачкиот транспорт“, велат од „Битола на точак“.

    Сепак, за да расте бројот на велосипедисти, потребно да има и велосипедски патеки. Дел од битолчани сметаат дека мерката ќе имаше поголем успех доколку не беше во зима. На листата на лица кои добија субвенции се и советниците Ристенка Алтипармакова од ДОМ и Иван Чулаковски од независната група Поинаку. Алтипармакова рече дека аплицирала за да даде личен пример, а Чулаковски по критиките на опозицијата рече дека ќе се откажел од субвенцијата и парите ќе ги донирал во Домот за доенчиња. Тие не зафатија ничие место, зашто апликациите на сите граѓани што поднесоа уредна документација беа прифатени.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира