Асфалт ист како во Градскиот парк поставија Град Скопје и екипите на ЈП „Улици и патишта“ и на пешачката патека на кејот на Вардар кај мостот Обединети нации. Овој потег уште од изградбата на кејот беше поплочен со коцка. Низ годините коцките беа оштетени, извадени и патеката беше полна со дупки. Град Скопје сега во рамките на акцијата за уредување на кејот на местото на искршените коцки постави црн асфалт кој освен што е несоодветен за овој потег, го грди шеталиштето и поставен е колку да се рече дека се закрпени дупките.
Од „Улици и патишта“, на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто на кејот е поставен асфалт место коцки или друг материјал соодветен за шеталиште покрај река, ни рекоа дека само на таков материјал можеле граѓаните да возат велосипеди и ролери.
„Ги демантираме наводите во јавноста дека врз травертин плочи е извршена санацијата. На потегот имаше дупка од извршување на градежни работи на фирма во минативе години. Сега тој дел е саниран со асфалтна маса од причина што само на таков материјал би можеле граѓаните што возат ролери и велосипеди непречено да се движат и е моментално решение”, велат од „Улици и патишта“.
Од претпријатието додаваат дека во моментов екипите работат за да го уредат целосно тој дел од кејот.
„За целиот потег во постапка е изработка на проект за поврзување на ролерската и велопатеката до улица Васил Чакаларов. Проектот е во изработка на ЈП ‘Улици и патишта’ во консултација со стручни лица од Град Скопје и кога ќе биде готов ќе знаеме со каков материјал ќе се работи целиот потег и на кој начин ќе биде извршено поврзувањето на велопатеката патека“, велат од „Улици и патишта“.
По налог на градоначалничката Данела Арсовска, градското претпријатие минатата недела почна да ги асфалтира земјените патеки во парк. По реакциите на јавноста активностите беа стопирани.
А. АНТЕВСКА