НА КОНКУРС ЌЕ СЕ ИЗБИРА ИДЕЈНО РЕШЕНИЕ ЗА УРЕДУВАЊЕ И ЗАЖИВУВАЊЕ НА КАЛЕТО ВО СКОПЈЕ

    НА КОНКУРС ЌЕ СЕ ИЗБИРА ИДЕЈНО РЕШЕНИЕ ЗА УРЕДУВАЊЕ И ЗАЖИВУВАЊЕ НА КАЛЕТО ВО СКОПЈЕ Во решенијата архитектите треба да предвидат и неколку привремени објекти. (Фото: К.Попов)

    На јавен конкурс ќе се избере проектот за уредување и заживување на тврдината Кале. Град Скопје, Музејот на современа уметност и Архитектонскиот факултет денеска го објавија конкурсот за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале во Скопје.

    „Ридот Кале го обележуваат две културни зданија Средновековната тврдина – Кале и Музејот на современата уметност. Извонредното историско и актуелно значење на овие две маркантни зданија за градот Скопје се во значајна мерка намалени поради долгогодишната запуштеност на пошироката локација на ридот Кале. Чувствувајќи ги од една страна штетните последици од оваа состојба во поглед на достапноста до публиката, и од друга страна свесни за големиот потенцијал на овој простор во можната поддршка и проширувањето на разновидноста и привлечноста на нашите програми, тимот на Музејот на современата уметност со распишувањето на идејниот конкурс посакува смели и инвентивни, но истовремено и едноставни и применливи идеи и концепти за култивирање на ридот Кале во тврдина на уметноста и јавниот интерес“, се вели во објавата на конкурсот.

    Од архитектите кои ќе достават свои решенија за Кале во конкуросот се бара да ги земат предвид и да ги истакнат природните предностите на локацијата и нејзините содржини во однос на близината до централното градско подрачје, рекреативни капацитети, како и да ги утврдат можностите и начините на кои таа би можела да привлече посетители. На просторот треба да се предвидат привремени градби од павилјонски тип наменети за вдомување на дел од содржините на Музејот на современата уметност, како и нови содржини кои треба да ја преобразат потесната локација на начин што ќе и додадат повеќе нови намени.

    Идејните решенија треба да се постават до 15 мај. За најдобриот проект наградата е 150.000 денари, за второнаградениот 100.000 денари а третонаградениот 50.000 денари.

    Градоначалникот Петре Шилегов во февруари најави дека Градот ќе го заживува Кале оти сега тврдината била запуштена и непосетена.

    „Тврдината Кале со години е запуштена, а секаде ваквите места за главни туристички атракции. Скопското Кале, кое се наоѓа во непосредна близина на Старата скопска чаршија нуди уникатен туристички потенцијал кој градот го прави дополнително привлечен за инвестиции од областа на туризмот. Какви содржи ќе има дополнително ќе утврдиме, но ќе го имаме предвид неговиот статус на заштитено културно наследство и ќе се зачува неговата автентичност“, изјави на 27 февруари Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари