НА КРИВОЛАК СЕ ГРАДИ МОНТАЖНА КОВИД БОЛНИЦА И ПИСТА ЗА БЕСПИЛОТНИ ЛЕТАЛА ЗА  ВОЕНАТА ВЕЖБА „ОДЛУЧЕН УДАР 21“

    НА КРИВОЛАК СЕ ГРАДИ МОНТАЖНА КОВИД БОЛНИЦА И ПИСТА ЗА БЕСПИЛОТНИ ЛЕТАЛА ЗА  ВОЕНАТА ВЕЖБА „ОДЛУЧЕН УДАР 21“Денес во увид на работите беа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз. (Фото: СДК.МК)

    Монтажна ковид болница со 70 кревети, патишта во должина од 33 км, полетно-слетна писта за беспилотни летала се градат на Армискиот полигон Криволак. Тоа е подготовка за големата воена вежба „Одлучен удар 21“ која треба да започне на 17 мај. Најавено е учество на околу 1.500 војници од САД, Бугарија, Грција и Македонија. Денес во посета и увид на работите беа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорката на САД во Скопје Кејт Мари Брнз.

    „Од Криволак создаваме полигон кој нема да има само регионална вредност, туку и за Алијансата. Сите овие активности кои тука се случуваат се резултат на сојузничката работа, на македонски војници и офицери и на американските инженерци. Ова се ресурси за секоја следна вежба, размислуваме долгорочно. Овој полигон ќе донесе резултати и за локалната економија, но и за нашата држава како најнов член ан Алијансата“, кажа министерката Шекеринска.

    Армискиот полигон Криволак е големо градилиште, каде се работи на пет проекти. До 12 мај треба да бидат завршени полетно-слетната патека за беспилотни летала, магацин за складирање мети, подвижни и неподвижни мети за гаѓање и патна инфраструктура и дополнително монтажна ковид болница. Нив заеднички ги градат македонскиот инженериски баталјон и 15-тиот инженериски полк од вооружените сили на САД, кој брои 142 лица со бројни возила, инженериски машини, потребни за работа.

    „Импресионирана сум од напредокот кој го покажаа инжинерците од двете земји во последните два месеца. Благодарна сум на министерката Шекеринска што го препозна потенцијалот на овој полигон за да се развие за потребите на НАТО“, – рече амбасадорката Брнз.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира