НА ЛЕНИНОВА ЌЕ ПАРКИРААТ САМО СТАНАРИ И ТРОТОАРИТЕ ЌЕ СЕ ОСЛОБОДАТ ОД КОЛИ, ОПШТИНА ЦЕНТАР ПОЧНА СО РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛИЦАТА

    НА ЛЕНИНОВА ЌЕ ПАРКИРААТ САМО СТАНАРИ И ТРОТОАРИТЕ ЌЕ СЕ ОСЛОБОДАТ ОД КОЛИ, ОПШТИНА ЦЕНТАР ПОЧНА СО РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УЛИЦАТАОвој потег со години е во очајна состојба, асфалтот е со дупки, тротоарите се блокирани со коли, па граѓаните одат по улица. (Фото: Општина Центар)

    Општина Центар почна со реконструкцијата на улицата Ленинова, на потегот од раскрсницата со булеварот Партизански одреди до улицата Митролополит Теодосиј Гологанов. Овој потег со години е во очајна состојба, асфалтот е со дупки, тротоарите се блокирани со коли, па пешаците одат по улица.

    Од Општината велат дека со проектот ќе се постави нов асфалт, целосна замена на водоводната и атмосферска канализациона мрежа, ќе се реконструираат старите и оштетени тротоари и ќе се воведе резидентен паркинг по цела должина на улицата, односно ќе биде дозволено паркирање само за станарите. Со тоа, граѓаните ќе имаат кај да се движат оти ќе се изврши ослободување на тротоарите од возила налик на улицата Орце Николов.

    „Со оваа реконструкција им излегуваме во пресрет на граѓаните, кои со години бараа Општината да го реконструира овој дел од улицата Ленинова. На крајот, граѓаните ќе добијат нова и квалитетно изведена улица, со нова атмосферска и водоводна канализација, нови тротоари и еколошки ефикасно ЛЕД улично осветлување. Воведувањето на резидентен паркинг на овој потег на жителите значително ќе им ги олесни секојдневието и ќе придонесе кон намалување на сообраќајниот хаос кој се создава во овој дел, особено во попладневните часови“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

    Во првата фаза на реконструкцијата ќе се изведуваат градежни активности на потегот од раскрсницата со улицата Киро Крстевски-Платник  до раскрсницата со улица Митрополит Теодосиј Гологанов, па овој дел ќе биде делумно затворен, со што возилата ќе може да се движат според поставената времена сообраќајна сигнализација.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира