НА ЛОКАЛИТЕТОТ ГРАДИШТЕ ВО КУМАНОВСКОТО СЕЛО ПЧИЊА ОТКРИЕН ФРАГМЕНТ ОД ФРЕСКА НА СВЕТЕЦ ОД 4. ВЕК

    НА ЛОКАЛИТЕТОТ ГРАДИШТЕ ВО КУМАНОВСКОТО СЕЛО ПЧИЊА ОТКРИЕН ФРАГМЕНТ ОД ФРЕСКА НА СВЕТЕЦ ОД 4. ВЕКЗа следната година се планира да се продолжи со истражувањата на градбата кон запад, за да се видат нејзините должина и форма.(Фото: Музеј Куманово)

    Фрагмент од фреска со рака на светител е пронајден при археолошките истражувања на локалитетот Градиште-Бислим во кумановското село Пчиња, кои во изминатиот период ги вршеа археолози од Кумановскиот музеј. Ова откритие говори дека на овој простор во втората половина на 4. или на самиот почеток на 5. век постоела ранохристијанска црква со насликана фигура на светец, што е реткост на овие простори.

    „Големо изненадување за нас беше тоа што, освен што откривме геометриски мотиви во сликарството на најстарата црква, откривме и еден фрагмент од фреска, на кој има сочувана претстава на рака на светител. Иако се работи за мал фрагмент, тој недвосмислено кажува дека во тој дел од црквата имало насликано фигура на светец. Човечките претстави во ранохристијанското сликарство се исклучително ретки. Кај нас, најсочувани такви претстави од овој период потекнуваат од крстилницата во Стоби, град кој бил еден од најважните и најголеми епископски центри во римска Македонија. Затоа сознанието дека ранохристијанската црква откриена во Пчиња била украсена со претстави на светители, односно човечки фигури, претставува огромно изненадување за научната јавност, пред сѐ, поради навидум тешкиот пристап на овој предел до главните патни комуникации, а со тоа и до цивилизациските текови, но и поради непостоење на вакви наоди во многу поголеми и позначајни ранохристијански црковни седишта во регионот и пошироко“, вели Дејан Ѓорѓиевски, археолог од НУ Музеј Куманово и раководител на ископувањето.

    Човечките претстави во ранохристијанското сликарство кај нас се исклучително ретки, велат кумановските археолозите (Фото: Музеј Куманово)

    Тој додава дека пронајдениот престол во олтарот исто така сугерира дека оваа црква веројатно имала повисок статус отколку што се претпоставувало на почетокот на истражувањето. Затоа е важно целосно да се истражат најраните фази и да се определи до кој век била во употреба.

    Иако располагале со скромни средства од 150.000 денари, Ѓорѓиевски вели дека со многу ентузијазам успеале да го завршат ископувањето и да дојдат до значајни откритија на локалитетот. Проектот се одвивал во две фази: подготовка на локалитетот за ископување и самото ископување. Густата вегетација и огромното количество камен во делот кој го истражувале оваа година условиле мала квадратура за истражување, која, сепак, била внимателно избрана за да ги даде очекуваните резулати.

    „Се работеше во и околу новооткриената ранохристијанска црква на источниот раб на локалитетот. Во самата црква го ископувавме просторот во нејзиниот југоисточен агол. Тука пронајдовме остатоци на четири последователни подни структури кои низ неколку века ја покриле најстарата црква. Ѕидовите и подот на најстарата црква ги откривме во целиот источен дел на јужниот кораб на базиликата. Таму претходно беше евидентирана конструкција во која биле депонирани скршени стаклени ламби од црковниот полиелеј, датирани во 5. век“, вели Ѓорѓиевски.

    Во зависност од финансиите, тие за следната година планираат да продолжат со истражувањата на градбата кон запад, за да се видат нејзините должина и форма.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира