НА ПОПОВА ШАПКА РАСТАТ САМО ДИВОГРАДБИТЕ, НЕ БИВА СКИ ЦЕНТАР

    НА ПОПОВА ШАПКА РАСТАТ САМО ДИВОГРАДБИТЕ, НЕ БИВА СКИ ЦЕНТАРДел од надлежностите, како комуналиите, се на Општина Тетово, ски терените и дел од хотелите се на „ЕЛЕМ турс“, тука се и другите приватни хотелиери, па викенд населбата, но уште не е прецизно дефинирано кој е газда и на што, и токму затоа, тешко е да се донесат инвестиции на Попова Шапка, посебно странски (Фото: СДК.МК)

    Последниве неколку години, Попова Шапка е заспана убавица, свесна за својата убавина ама немоќна сама да се разбуди и повторно да заживее. Надлежностите за развој на Попова Шапка не се јасно дефинирани меѓу државната и општинската власт, па единствено нешто што овде незапирливо расте се дивоградбите, ги има во голем број посебно во викенд населбата, а меѓу нив предводи диво изградената џамија, импозантна градба од 4 ката и дополнителни простории.

    (Фото: СДК.МК)

    „Не да е убава Попова Шапка, таа е прекрасна. Сум скијал и во Банско и на Копаоник и во Австрија, ама вакви прекрасни терени нема никаде. Но, за жал, овие луѓе што стопанисуваат со Попова Шапка никако да разберат дека од само убавина не се живее. Патеките треба да бидат уште подобро подготвени, има малку ски лифтови па редовите се големи, Шапка никој не ја чисти од смет па кеси од најлони и опаковки од чипсови гледаме насекаде бидејќи никаде нема канти. Паркингот никако да го решат, ене погледнете, секој викенд се формираат километарски долги колони покрај патот. Ноќниот живот на Попова Шапка речиси и не постои, а за цените на сместувањето и да не зборувам, далеку се повисоки во однос на она што се нуди од цените во зимските туристички центри во соседните земји“, вели млад скопјанец кој, како што вели, е редовен викенд посетител на Попова Шапка.

    (Фото: СДК.МК)

    Овие проблеми на Попова Шапка се присутни со години. Дел од надлежностите, како комуналиите, се на Општина Тетово, ски терените и дел од хотелите се на „ЕЛЕМ турс“, тука се и другите приватни хотелиери, па викенд населбата, но уште не е прецизно дефинирано кој е газда и на што. И токму затоа, тешко е да се донесат инвестиции на Попова Шапка, посебно странски. Последната поголема инвестиција е на АД ЕЛЕМ за изградбата на нов ски лифт, но тој по повеќе од две години изградба и оваа година остана недовршен. За ваквата тешка состојба свесни се и угостителите и тие апелираат преземање итни мерки за да се спаси Попова Шапка.

    (Фото: СДК.МК)

    „Ова многу пати ние сме го кажувале, на Попова Шапка мора да се постави апаратура за производство на вештачки снег. Климатските услови веќе не се како некогаш, снегот сѐ подоцна паѓа и побрзо се топи, па за да имаме подолга сезона вештачкиот снег е потреба, а не луксуз. Секако, и државата треба на време да се мобилизира, а не да презема активности во последен момент. Моментално на Попова Шапка ни недостасуваат два ски лифта. Иако мислевме дека ќе биде завршен, овој големиот ски лифт и оваа година нема да биде пуштен во употреба. Поради ова, најмногу ни бегаат странските туристи. Ние имаме повеќе домашни туристи отколку странски“, вели Хашим Хасани, сопственик на хотелот „Скардус“ на Попова Шапка.

    (Фото: СДК.МК)

    Пред неколку години, Влада на ВМРО-ДМПНЕ и ДУИ најави еден крајно амбициозен план за Попова Шапка кој предвидуваше инвестиција од околу 500 милиони евра, а само во првиот период без предвидени околу 20 милиони евра. Но, од оваа најава нема речиси ништо. Сепак, и во вакви тешки услови, во целосен недостаток на инвестиции и нови содржини, Попова Шапка успева некако да заживее, барем во оние два-три месеци додека има снег.

    Со скијачките терени на Попова Шапка и со дел од хотелите стопанисува „ЕЛЕМ турс“, од каде велат дека за оваа скијачка сезона добро се подготвиле, а оние болни точки што уште постојат ќе ги санираат што е можно побрзо.

    „Ние за годинава добро ги подготвивме сите скијачки патеки. За жал, една патека не ни работи бидејќи не успеавме навреме да ја завршиме изградбата на шестседиот ски лифт за кој очекуваме дека ќе биде готов за наредната сезона. Поради ова, годинава за прв пат ги намаливме и цените на ски картите. Скијачките патеки се добро обезбедени, горско-спасителната служба е постојано на терен, а задоволни сме и од побарувачката за сместување за јануари и февруари каде сме целосно пополнети. За нaрeдната сезона планираме да санираме некои болни точки  за да го зголемиме квалитетот на понудата“, вели Мирче Трпески, одговорен на маркетинг службата на „ЕЛЕМ турс“.

    За Попова Шапка во наредниот период се јавува уште еден голем проблем. Владата на Македонија ги тргна обврските на АД ЕЛЕМ за оние проекти кои не се основна дејност за компанијата. Дали тоа ќе значи дека и Попова Шапка веќе нема да биде под надлежност на ЕЛЕМ останува да се види наскоро, најверојатно по завршувањето на ски сезоната, и таа одлука може да има далекусежно значење за натамошната судбина на овој наш најголем зимски туристички центар.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира