НА СИТЕ АНКЕТИ ВОДАМ СО 3:1, ОЧЕКУВАМ СДСМ ДА МЕ КАНДИДИРА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА, ВЕЛИ КОСТАДИНОВ

    НА СИТЕ АНКЕТИ ВОДАМ СО 3:1, ОЧЕКУВАМ СДСМ ДА МЕ КАНДИДИРА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА, ВЕЛИ КОСТАДИНОВКостадинов не одговори на прашањето дали на изборите ќе оди како независен кандидат ако СДСМ не застане зад него. (Фото: Фејсбук)

    „Раководството на СДСМ има распоред на објавување на кандидатите за градоначалник и не е ништо спектакуларно што ме нема во листата од првите 19 кандидати. На сите анкети водам со 3:1 и очекувам по завршување на процедурите, партијата да донесе одлука“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, откако лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера ги објави кандидатите за градоначалници за 19 општини во земјава. На листата го нема Костадинов, кој во 2017 беше в. д. градоначалник на Струмица откако тогашниот градоначалник и лидер на СДСМ Зоран Заев стана пратеник, па потоа беше пратеник во Собранието, а на изборите во 2021 е избран за градоначалник.

    Во пет општини, како што стои во одлуката на Извршниот одбор на партијата, кандидирани се актуелни градоначалници кои ќе се обидат да ја добијат довербата на граѓаните за нов мандат на претстојните Локални избори.

    Костадинов информацијата за првата листа кандидати на СДСМ на која не се најде неговото име ја прими во Словенија. Од таму ни посочи дека на води на сите анкети и веќе ја подготвува програмата која ќе била преставена пред раководството на партијата и лидерот Венко Филипче.

    „Јас го почитувам раководството и го почитувам мислењето на граѓаните, кое согласно сите анкети ми дава предност пред сите кандидати од сите политички опции. Останувам на ставот дека ќе ја почитувам динамиката на објавување на кандидатите така како што раководството мисли дека е најдобро за да максимизираме резултат секаде. Јас веќе ја подготвувам програмата, во добар дел ги имам контурите и како таква ќе биде преставена пред раководството на СДСМ и лидерот Венко Филипче. Не може да се биде кандидат внатрепартиски без своја програма која ќе биде инклузивна за членови, граѓани и целни групи“, ни изјави Костадинов.

    Тој не одговори на прашањето дали на изборите ќе оди како независен кандидат ако СДСМ не застане зад него.

    Освен Костадинов, како кандидат за градоначалник се спомнува и Марјан Даскаловски, актуелниот претседател на Основната организација на СДСМ во Струмица. Даскаловски неколку мандати е претседател на Советот на Општина Струмица, а во периодот од 2014 до 2016 беше и пратеник во Собранието. Тој ни потврди дека е во игра за градоначалнички мандат во Струмица.

    „Да, имам кандидатура. Членството на СДСМ и граѓаните на Струмица ми даваат поддршка. Имам водство на анкетите, но секако крајната одлука ја носи партијата“, кусо ни рече Даскаловски.

    На внатрепартиските анкети на СДСМ, како што брифираат членови, за кандидат за градоначалник е и Коста Јаневски кој беше градоначалник на Струмица во периодот од 2017 до 2021.

    Ни владеачката ВМРО-ДПМНЕ го нема објавено својот кандидат за градоначалник на Струмица. Таму во игра се неколку имиња, меѓу кои и бизнисменот Петар Јанков, лекарот Никола Маџунков кој е советник во општинскиот Совет, советникот Владимир Ристов, професорот Кире Синдраковски и бизнисменот Митко Дрвошанов.

    Локалната власт во Струмица веќе 20 години е во рацете на СДСМ.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира