Место препукувања и префрлање на надлежностите на градските и општинските власти, на Скопје му требаат функционални и безбедни мостови, кои ќе придонесуваат за растеретување на сообраќајот во главниот град, рече денеска проф. Горан Марковски, независен кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од граѓанската платформа „Независни заедно“ за претстојните Локални избори.
Марковски, професор на Градежниот факултет во Скопје, зборуваше пред мостот „Љубљанска“ во Карпош на кој тој е автор на проектот. Рече дека мостот не е пуштен во употреба и не функционира затоа што треба да се доврши еден дел во должина од 5 метри, но Град Скопје и Општина Карпош си ја префрлуваат надлежноста од еден на друг.
„Мојата визија за Скопје е град со значително поголема безбедност во сообраќајот, каде што ќе се мапираат сите критични точки и ќе се постави поголема сигнализација. Сепак, планираме и дестимулирање на возењето на автомобили. Јавниот транспорт и алтернативните превозни средства мора да станат наше секојдневие“, рече Марковски и укажа дека алармот за Скопје е вклучен за да престанат лошите пракси и грубата партизација на градот и јавните претпријатија.
Марковски на гласачкото ливче за градоначалник е под број 128, а листата советници во Град Скопје на „Независни заедно“ предводена од Јана Белчева-Андреевска е под број 39.
„Независни заедно“ е широка граѓанска платформа која ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку скопски општини и тоа „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.
Локалните избори е се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.