НА СРЕДБА ВО ОХРИД УЈП МУ ОБЈАСНИ НА ТУРИСТИЧКИОТ СЕКТОР ДЕКА МОРА ДА СЕ ПЛАЌА ДАНОК ЗА ИЗДАВАЊЕ, ВИЛИ, СТАНОВИ, АПАРТМАНИ И СОБИ

    НА СРЕДБА ВО ОХРИД УЈП МУ ОБЈАСНИ НА ТУРИСТИЧКИОТ СЕКТОР ДЕКА МОРА ДА СЕ ПЛАЌА ДАНОК ЗА ИЗДАВАЊЕ, ВИЛИ, СТАНОВИ, АПАРТМАНИ И СОБИСтручниот тим на УЈП ги информираше присутните за нивните права и обврски, со посебен акцент на пријавувањето на приходите од издавање недвижен имот, ангажирањето сезонски и повремени работници, како и вршењето дејности од времен карактер. (Фото: УЈП)

    Поголема даночна информираност, почитување на законските обврски и намалување на сивата економија беа во фокусот на денешната информативно-работна средба на Управата за јавни приходи (УЈП) со претставници на туристичкиот сектор во Охрид. На средбата, која се одржа во соработка со Општина Охрид, учествуваа издавачи на вили, апартмани и соби, хотелиери, угостители и претставници на други дејности поврзани со туризмот. Стручниот тим на УЈП ги информираше присутните за нивните права и обврски, со посебен акцент на пријавувањето на приходите од издавање недвижен имот, ангажирањето сезонски и повремени работници, како и вршењето дејности од времен карактер.

    Во рамки на средбата беше презентирана кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, со која УЈП потсетува дека сите граѓани кои остваруваат доход од издавање сместувачки капацитети имаат обврска навремено да го пријават и да го платат утврдениот данок на личен доход.

    Обврската се однесува на издавањето апартмани, станови, куќи, вили, соби и други сместувачки капацитети, без оглед на времетраењето на издавањето и начинот на плаќање. На присутните им беше појаснет и начинот на пријавување на доходот од закуп и подзакуп преку системот на е-Даночни услуги, како и начинот на пресметување на данокот.

    Посебно внимание беше посветено и на ангажирањето сезонски и повремени работници во туристичкиот сектор. На работодавачите им беше укажано на обврската работниот ангажман да биде формализиран и пријавен согласно законските прописи, со обезбедување на потребните пресметки за данокот на личен доход и придонесите за задолжително социјално осигурување.

    Во фокусот беа и дејностите од времен карактер, особено актуелни во туристичката сезона, како изнајмување кајчиња, педалинки, СУП даски, кануа, кајаци и друга опрема за рекреација на вода, но и продажба на ракотворби, сувенири, накит и уметнички предмети.

    Од УЈП нагласуваат дека ваквите активности не се насочени само кон контрола, туку пред сè кон информирање и поддршка на граѓаните во правилното исполнување на нивните обврски. Редовното пријавување на приходите и плаќањето на данокот, беше истакнато на средбата, создаваат еднакви услови за сите туристички работници, придонесуваат за намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција, а истовремено овозможуваат поголеми средства за јавни услуги, инфраструктура и развој на локалната заедница.

    „Заедничката активност на Управата за јавни приходи и Општина Охрид претставува чекор кон создавање поуреден, одговорен и поконкурентен туристички сектор, во кој почитувањето на правилата е основа за фер услови за работа и одржлив развој на туризмот. Фер туризам започнува со пријавен доход“, велат од УЈП.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира