При царинска контрола на автобус за влез во државата на граничниот премин Табановце на македонско-српската граница, вчера се откриени 13,3 килограми злато вредно над 600 илјади евра. Дополнително, кај возачот на автобусот биле пронајдени и 30.000 евра кои не ги пријавил на цариниците. Автобусот кој сообраќал на редовна линија Пореч – Гостивар, со гостиварски регистерски таблички, на граничниот терминал стигнал околу 9 часот, но поради одреден сомнеж бил пратен на царински терминал.
„При прегледот со мобилен скенер се воочени неправилности во кровната конструкција, каде е пронајден разновиден златен накит и златни плочки, во правилна и неправилна форма. Непријавената стока – злато со вкупна тежина од 13.304 грама е привремено задржано и предадено на Одделението за истраги за понатамошна постапка. Дополнително при личен претрес, кај еден од возачите беа пронајдени и одземени непријавени 30.000 евра, за кои е изготвен записник за девизен прекршок“, соопшти Царинската управа.
Додека траела целата процедува на царинскиот терминал, како и постапката на полицијата по откривањето на нелегалната стока, околу 50 патнивци, меѓу кои и мајки со деца, околу 5 часа останале заглавени на граничниот премин. Тие реагираа за неодговорно однесувањена компанијата, поради што најавија дека ќе покренат судска постапка заради оштета по малтретирањето што го преживеали при патувањето.
„Сакаме да испратиме апел до сите превозници, а и до надлежните, особено во овие високофреквентни периоди, да вршат почести контроли и секое вакво однесување од страна на компанија којашто треба да ја гарантира безбедноста на патниците да биде најстрого санкционирана, патниците соодветно обештетени, со надеж дека вакво нешто нема никогаш да се повтори“, велат во соопштението на патниците.
С. НИКОЛИЌ