Над 300.000 метри кубни вода се троши во Скопје дневно изминатиов месец. Поради високите температури зголемена е потрошувачката на вода, а од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ апелираат рационално и внимателно да се користи водата. Особено, велат оттаму, да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање и наводнување.
„Врз основа на податоците од страна на Управата за хидрометеоролошки работи за високите температури кои деновиве достигнуваат и над 40 степени, како и подaтoците на ‘Водовод и канализација’е за зголемената потрошувачка на водата која дневно надминува 300.000 метри кубни, апелираме до жителите на градот Скопје за рационално користење и употреба на водата“, велат од ЈП „Водовод и канализација“.
Од претпријатието имаат проблем и со дивите приклучоци на мрежата во скопски Сарај, Крушопек и Долна Матка. Како што велат од „Водовод“, неделно се исклучуваат дваесетина диви приклучоци, а акции за откривање нелегално приклучување на мрежата се вршат секој ден.
„Дивите приклучоци се забранети со Законот за водоснабдување, член 23 и истите се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на Општината и на Градот. За сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде поткрена прекршочна постапка за сторено кривично дело. Апелираме до граѓаните доколку забележат див приклучок, истиот да го пријават на 023073 010, [email protected], www.vodovod-skopje.com.mk или преку мобилната апликација“, велат од претпријатието.
А. АНТЕВСКА