Блокиран е пристапот до нивите на над 300 земјоделци од Штип кои имаат лозови и овошни насади во штипските атари, Суитлак Ајнато, Орта колиба и неколку други, затоа што Јавното комунално претпријатие „Исар“ го прокопува единствениот пат до нив. Иако прокопувањето е за да се постави водоводна линија до одредени имоти, дел од блокираните земјоделци од овие атари кои не се опфатени со овој проект најавуваат реакции кај градоначалникот на Штип, а ако има потреба и ќе протестираат пред општинската зграда.
Директорот на ЈП „Исар“ Кирил Зајков не сакаше да каже како и до кога ќе траат овие зафати на единствениот полски пат до наведените атари, само рече: „Штом сакаат вода има да чекаат, а јас немам намера да одговорам на секое поединечно прашање“.
Но, земјоделците кои се надвор од проектот не се против донесувањето вода до одредени корисници, туку се револтирани што изведувачот на работите нема комплетна организација па се случило прво да се прокопува, а потоа да се врши набавка на потребниот материјал што бара доста време за комплетно завршување на работите.
Исто така, земјоделците од овите штипски атари се револтирани што од ЈП„Исар“ немаат никаква информација кога ќе биде пуштен патот за да го планираат одењето до нивните лозови и овошни насади, и тоа во време кога за одредени култури е берба, а за други поради честите врнежи неопходни се секојдевни агротехнички заштитни мерки.
Градоналникот на Штип Иван Јорданов, денеска се запознал со случајот и најави брза разрешница на проблемот. Рече и дека ќе барал поголема транспаретност од „Исар“ и поголема експедитивност за работите на патот да завршат што побрзо, до почетокот на овој викенд.
Т. ЈОВАНОВСКИ