Повеќе од два милиони евра Владата потрошила за лед екрани, поставени на новите барокни фасади на објектите од проектот „Скопје 2014“. Голем екран покри дел од обновената фасада на „Сити галери“ на Плоштад Македонија. Ист таков има и на плоштадот Филип Втори кај Министерството за транспорт и врски, но во овој дел на Градот поставен и е уште еден екран, на палатата АСНОМ т. е. поранешна Комерцијална банка, а со иста големина е и екранот поставен на новата зграда на Факултетот за драмски уметности кај црквата Св. Богородица.
Според податоците објавени на Бирото за јавни набавки, екранот на палатата АСНОМ, зад зградата во која е сместен Уставниот суд, се потрошени повеќе од пола милион евра. Околу 520.000 евра чинел екранот, а за надзор на монтирањето, за што беше распишан посебен оглас, потрошени се 2.000 евра.
Екран, но далеку помал има дури и на задната страна на една од галиите во Вардар кои исто така се дел од проектот „Скопје 2014“. Нема информации дали на тој екран ќе се емитува редот за пловење на галиите.
Набавките ги правеше Службата за општи и заеднички работи на Владата. Директорот Васе Доневски, не одговара на мобилниот телефон за да објасни колку пари се потрошени за останатите екрани поставени низ градот, кој ги добил тендерите и кој ја избира содржината која со месеци веќе се емитува на нив.
Иако се поставени на градски плоштади, од Град Скопје велат дека немаат никаква надлежност за нив.
„ЛЦД проекторите не се поставени од страна на Град Скопје и градот нема никаква надлежност за креирање и контрола на менливите содржини кои се емитуват на нив. За сите видови на реклами кои планираат да се постават на зградите, доколку ги има во општинската програма, сопствениците на зградите и заинтересираните клиенти треба да добијат одобрение од соодветната општина“, велат од Град Скопје.

И покрај ваквиот одговор, Град Скопје пред неколку години, кога заврши обновата на фасадата на поранешен „Пелистер“, донесе одлука да се забрани поставување рекламни билборди и постери кои ќе ја покриваат фасадата. Оваа одлука, неколку години подоцна, никој не ја почитува.