Надојдената река Црна била причина што на 29 септември железничкиот мост кај археолошкиот локалитет Стоби е сериозно оштетен, поради што од тогаш железничкиот сообраќај на релацијата Велес-Неготино е во прекин. Мостот се наоѓа меѓу станицата Градско и крстосница Кукуричани.
„Нивото на реката одеднаш пораснало од постоечките 1,7 м на пет метри, па од силината на надојдената вода, таа ги поткопала столбовите на бетонскиот мост што се лоцирани во реката. Последните 30 години немало случај на толку големо количество вода одеднаш“, рече Ирфан Асани, директорот на Македонски железници – Инфраструктура.
Тој вели дека проблемот е сериозен и дека големи се економските штети од прекинот на железничкиот сообраќај, а со стручни лица од Градежниот институт, експерти и сите надлежни бараат да се најде решение за што побрзо да се воспостави овој важен коридор. Кинеската стока која се превезуваше од солунското пристаниште, за Средна Европа патува преку алтернативен железнички превоз, преку Бугарија.
„Направивме анализи и испитувања на оштетувањето од сите можни фактори и институции во Македонија и веќе имаме финална идеја што треба да направиме. Ќе одиме на брза санација и се надевам дека за 15 до 20 дена ќе биде ставен во употреба. Тоа значи брза санација за ограничена употреба, а во меѓувреме ќе гледаме која е опцијата или ќе се оди на нов бетонски или челичен мост“, вели Асани.
Мостот е изграден во 1970 и според Асани бил во добра кондиција. Последната проверка врз него била направена во 2008.
П. ПЕЧКОВ