НАЈСТАРАТА ШТИПСКА ЗГРАДА „ПРОМАЈА“ ЌЕ ПАДНЕ ОТИ НА ПЕТ МЕТРИ СЕ ИСКОПУВА ЗЕМЈА ЗА НОВ ОБЈЕКТ, СТАНАРИТЕ НАЈАВИЈА СЕКОЈДНЕВНИ ПРОТЕСТИ

    НАЈСТАРАТА ШТИПСКА ЗГРАДА „ПРОМАЈА“ ЌЕ ПАДНЕ ОТИ НА ПЕТ МЕТРИ СЕ ИСКОПУВА ЗЕМЈА ЗА НОВ ОБЈЕКТ, СТАНАРИТЕ НАЈАВИЈА СЕКОЈДНЕВНИ ПРОТЕСТИЗградата „Промаја“ во центарот на Штип е белег на градот половина век и е во опасност од попуштање на теренот. (Фото: СДК.МК)

    Со ископување земја на само 5 метри до познатата зграда „Промаја“, во опасност се темелите и целата статична стабилност на овој најстар станбен објект во Штип кој се изгради пред точно половина век и е култен станбен објект подигнат во Горно Маало, видлив од сите страни на влезот во градот. На оваа оваа сериозна опасност предупредуваат стотината станари во оваа зграда под чија подвозна основа минува и една од главните сообраќајници во Штип, а позната е по местоположбата каде постојано дува ветер па штипјани популарно ја викаат „Промаја“.

    „Никој не знае кој и што ќе гради. Кружат информации дека наводно се копа за изградба на некакви гаражи. Се ископуваат цели карпи. Изведувачите веќе дојдоа до самата ограда од единствениот влезен премин на станарите во зградата. Ако на овој простор нешто се изгради половина од станарите ќе немаме пристап да дојдеме до своите влезови или да излеземе надвор, ниту може да пристапи противпожарно возило, ако има потреба од тоа. Затоа пративме известувања до сите надлежни, државни и општински органи“, вели пензионираната новинарка Нада Накова која дваесетина години е станар на зградата „Промаја“.

    Таа, заедно со останатити засегнати станари покренале иницијатива за собирање петиција, па веќе имаат поддршка од речиси сите станари 83 потписи, освен од оние кои моментално се отсутни и не се во своите станови во последните години. Покрај петицијата, велат дека револтот ќе го искажуваат и со секојдневни протести, а главниот го закажуваат за в недела, 27 ноември.

    Градоначалникот на Штип Иван Јорданов изјави дека е запознат со случајот и со протестите на станарите, па затоа испратил инспекција комплетно да го утврди теренот и да ја сублимира и анализира целокупната документација со која располага инвеститорот, и врз основа на инспекциските наоди општинските власти да преземат соодветни мерки за да им се излезе во пресрет на станарите и на граѓаните од соседните станбени објекти, кои исто така се засегнатикопањето во овој дел на градот.

    Во меѓувреме, станарите ги спречуваат изведувачите кои направиле обид да го узурпираат единствениот приод до влезовите од зградата со поставување среде скли разни столбови, скелиња и слично. Велат дека ќе дежураат и ден и ноќ, но нема да дозвалат некој нешто да гради.

    Во зградата има и станари кои по професија се геолози кои велат дека со постојаното копање на карпите до зградата се поткопуваат и темелите на самата зграда. Целиот овој простор на зградата „Промаја“ и останатите станбени објекти во Горно Маало лежат на вулкански гранитни карпи кои со механизација, но и со временските неприлики лесно се распаѓаат, па опасноста по зградата станува уште поголема. И не случајно целиот овој простор уште од старо време се нарекува „Црна скала“ која според мислењето на стручњаците, датира пред милиони години кога имало вулкански ерупции кога се формирале ридот Исар и останатите ридови во овој дел на градот.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира