Владата наместо 80 ќе набави 100 нови електрични автобуси за Град Скопје, рече денеска градоначалникот Орце Ѓорѓиевски одговарајќи на советничко прашање во Советот. Тој рече дека оваа година ќе стигнат најголем дел од автобусите, но не може да каже дали ќе стигнат сите.
„Автобуси требаше да имаме во март, но тендерот пропадна. Јас не се плашам да се извинам ако згрешам со проценките. Сега, наместо 80 ќе бидат набавени 100. Најголем дел од нив ќе стигнат годинава“, рече Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека е откочен проектот за Брз автобуски превоз (БРТ). Добиено е писмо од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за продолжување на проектот ,со што до март Град Скопје треба да формира проектна единица и да се измени планот за јавни набавки. Со кредитот за БРТ покрај возила за овој превоз ќе бидат набавени и 30 автобуси, за што Ѓорѓиевски рече дека набрзо ќе се распише тендер.
Минатиот тендер кој лани во јуни го распиша Министерството за транспорт и врски за набавка на 120 автобуси, од кои 80 за Скопје, пропадна затоа што единствената фирма која се пријавила не ги исполнувала потребните услови.
На 30 јануари, премиерот Христијан Мицкоски за планот за набавка на најавените нови еколошки автобуси изјави дека за тоа на владина седница е „донесена одлука, во рамките на ‘Влада со Влада’ договорот којшто го имаме со Унгарија“.
„Дел ќе биде кредит, под оние исти услови коишто ги имавме и во претходниот случај, односно 3 години грејс период, дополнителни 12 години отплата, значи 15 години со истата каматна стапка. Градот Скопје во претходна анкета побара 250 вакви автобуси, за него ќе бидат отстапени 100, со 50 полначи, а останатите општини коишто имаат организиран градски превоз, побараа, мислам дека побараа 89, а ќе добијат 50, со 25 полначи“, рече Мицкоски.
А. АНТЕВСКА



