Тетово и оваа година ќе остане без новогодишно украсување на градот. Овој пат причината е потребата од заштеда на електрична енергија. Според одлуката на Општината, уличните светилки во Тетово се гаснат после полноќ, но за новогодишната ноќ градоначалникот Биљал Касами вети дека тие ќе останат вклучени.
„За жал, градот нема да се украсува, но сигурно нема да останеме во темнина. Имаме одлука за штедење струја и да се гаси јавното осветлување, но во текот на празниците, за да не бидеме во темнина, одлучивме да имаме јавно осветлување во текот на цела новогодишна ноќ. Градот нема да се украсува, но има предлог да се среди плоштадот. Кога ќе го добиеме конечниот предлог ќе го презентираме“, рече градоначалникот Касами.
Лани, неколку месеци откако беше избран за градоначалник на Тетово, Касами изјави дека нема да се украсува градот и нема да се организира новогодишна прослава поради недостаток на финансиски средства.
Во 2020 исто така немаше украсување на градот, бидејќи Општината на чело со градоначалничката Теута Арифи одлучи парите за таа намена да се дадат за борба против ковид-19 и за подобрување на инфраструктурата во градот. И во 2019 Тетово не беше украсено за Нова година. Тогаш средствата предвидени за оваа намена беа пренаменети за помош на градот Драч во Албанија кој таа година беше погоден од голем земјотрес.
З. АНДОНОВ