НАПАДНАТ ПОЛИЦАЕЦ БЕЗ ДА ПУКА МУ ГО ОДЗЕЛ НОЖОТ НА ЖИТЕЛ НА СКОПСКО КОЊАРЕ, СО КОЈ ИЗБОДЕЛ СОСЕД ПРЕТХОДНО

    НАПАДНАТ ПОЛИЦАЕЦ БЕЗ ДА ПУКА МУ ГО ОДЗЕЛ НОЖОТ НА ЖИТЕЛ НА СКОПСКО КОЊАРЕ, СО КОЈ ИЗБОДЕЛ СОСЕД ПРЕТХОДНОИзбодениот сосед е во животозагрозувачка состојба, а напаѓачот е под истрага на убиство во обид. - Полицијата дошла за половина час по инцидентот во скопско Горно Коњаре (архивска фотографија)

    Жител на скопско Горно Коњаре избодел соселанец и со истиот нож нападнал полицајци кога сакале да го уапсат за обид за убиство. Иако осомничениот со крената рака кон полицијата не сакал да го спушти ножот и им се заканувал со оружјето, сепак полицијата употребила само физичка сила за да го совлада.

    Жртвата е во животозагрозувачка состојба.

    „Скопското јавно обвинителство донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, поради постоење основано сомнение дека тој ги сторил кривичните дела – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Имено, 34-годишниот жител на село Горно Коњаре на 3 април со умисла се обидел да лиши од живот едно лице со кое претходно имале кратка вербална расправија. По расправијата, осомничениот отишол во неговиот дом од каде зел нож и го прободел оштетениот во пределот на слабината, нанесувајќи му тешки телесни повреди од животозагрозувачки карактер“, соопшти обвинителството.

    За само половина час таму дошла полиција.

    „Околу половина час подоцна, осомничениот сериозно се заканил дека ќе ги нападне четворицата полициски службеници кои постапувале по наредба да го лишат од слобода заради претходно стореното кривично дело. Кога полициските службеници дошле во неговиот дом, тој излегол на вратата, повторно држејќи нож во рацете. Еден од полициските службеници му наредил да го фрли ножот, но осомничениот одбил да го стори тоа и им се заканил. Полициските службеници се повлекле во дворот и застанале во близина на службеното полициско возило, а осомничениот започнал да им се приближува со крената рака во која го држел ножот. Во тој момент, еден од полициските службеници му се приближил на осомничениот и со употреба на средства за присилба му ја фатил раката, ножот паднал на земјата и осомниченото лице било лишено од слобода“, вели обвинителството.

    Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднел предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат дека осомничениот би можел да избега, да влијае врз сведоците или вештаците, како и дека ќе го повтори кривичното дело или ќе го доврши обидот за убиство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира