НАПАДНАТА СО НОЖИЦИ И ПОВРЕДЕНА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА ВО КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА, УАПСЕН НАПАЃАЧОТ

    НАПАДНАТА СО НОЖИЦИ И ПОВРЕДЕНА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА ВО КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА, УАПСЕН НАПАЃАЧОТМедицинската сестра била нападната додека ги извршувала своите работни задачи во амбуланта, кога од зад грб и пришол напаѓачот и ѝ ставил чаршаф на главата, по што почнал да ја дави и да ја удира. (Фото: СДК.МК)

    Медицинска сестра вработена на Инфективното одделение во Општата болница во Куманово, ноќеска е повредена откако била нападната додека била дежурна во ноќната амбуланта. Нападот го извршил Ф. Ј. (38) од Куманово во 1.40 часот, кој подоцна бил уапсен, соопшти полицијата.

    Медицинската сестра била нападната додека ги извршувала своите работни задачи во амбуланта, кога од зад грб и пришол напаѓачот и ѝ ставил чаршаф на главата, по што почнал да ја дави и да ја удира. Таа паднала на подот, по што тој ѝ ја затнал устата со рака за да не може да вика. Ги земал ножичките за сечење газа од бирото и ја прободел во левото рамо и по вратот, по што жената се оневестила. Мешницата ја слушнале нејзините колешки и дошле да видат што се случува, при што ја нашле на подот со чаршафот на глава во бесознание. Откако ја освестиле веднаш повикале полиција и го алармирале обезбедувањето. Насилникот во меѓувреме побегнал.

    „Ноќеска во 01.40 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Ф. Ј. (38) од Куманово затоа што со остар предмет нападнал и повредил вработена на Инфективното одделение во Општа болница Куманово. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава“, соопшти СВС Куманово.

    Директорката на Кумановската болница го потврди случајот и вели дека уште еднаш се покажало оти здравствените работници не се безбедни на своите работни места.

    „Ноќеска е нападната дежурната медицинска сестра од непознато лице, не се работи за пациент, туку лице кое е влезено од надвор. Добила две латеро контузни рани, една во пределот на главата и една во пределот на рамето, но не се работи за животно загрозувачки повреди. Сместена е на хирургија и направни се сите иследувања, направена и е компјутерска томографија на главата, нема знаци на внатрешни повреди, но од повеќе причини ќе се опсервира во текот на денот. Сега е стабилна, но вознемирена е со оглед на она што ѝ се случило“, вели директорката Захариева.

    Директорката Захариева претпоставува дека мотивот за нападот е финансиски, бидејќи сестрата е нападната додека ја средувала касата од дневната наплата на партиципација на прегледаните пациенти. На Одделението не недостасуваат ни медикементи, а Ф. Ј. не ги земал парите бидејќи наишле останатите вработени.

    Не е познато како тој влегол во зградата, бидејќи влезните врати на одделнијата се заклучуваат на полноќ, а пациентите кои доѓаат подоцна се најавуват на ѕвоно ако имаат потреба од лекарска помош. Се претпоставува дека можеби се криел во собите или тоалетите, или влегол преку некој прозор. Што точно се случувало ќе утврдат безбедносните камери на службата за обезбедување во болницата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира