НАПАДНАТИ АКТИВИСТИ НА СДСМ ДОДЕКА ДЕЛЕЛЕ ИЗБОРЕН МАТЕРИЈАЛ ВО KУМАНОВО, ОД „ЗНАМ“ НЕГИРААТ НАПАД

    НАПАДНАТИ АКТИВИСТИ НА СДСМ ДОДЕКА ДЕЛЕЛЕ ИЗБОРЕН МАТЕРИЈАЛ ВО KУМАНОВО, ОД „ЗНАМ“ НЕГИРААТ НАПАДОд Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека кај нив било пријавено дека активисти на една партија нападнале активисти од друга партија, додека делеле изборен материјал. (Фото: Принтскрин од видео)

    Политички активисти од СДСМ денеска напладне биле нападнати од политички противници на Движењето ЗНАМ во кумановската населба Средорек. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) потврдуваат дека кај нив било пријавено оти активисти на една партија нападнале активисти од друга партија, додека делеле изборен материјал.

    „Денеска околу 11:40 часот, А. К. (32) и И. С. (33), двајцата од Куманово, пријавиле дека во населбата Средорек, додека делеле изборен материјал за една политичка партија, С. С. и Р. Ш., членови на друга партија, агресивно се однесувале кон нив и им упатувале закани, по што Р. Ш. физички ги нападнал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот и во координација со јавен обвинител против нив ќе биде поднесена соодветна пријава“, соопшти МВР.

    Кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата, Мартин Костовски, обвини дека нападот го извршиле членови на штабот на партијата ЗНАМ и кандидатот за советник Самет Салиевски, пред одржување на нивниот мини-митинг во Средорек. Кандидатот за советник Салиевски до пред неколку месеци беше советник од СДСМ, но ја напушти партијата и за изборите се најде на листата на ЗНАМ.

    „Случајот веднаш го пријавивме во полиција и очекуваме да се преземат сите потребни мерки за да се спречи политичкото насилство врз неистомислениците,“ изјави Костовски.

    Носителката на листата на советници на Движењето ЗНАМ, Ивана Георгиевска, негира дека нивниот кандидат за советник нападнал членови на СДСМ во населбата Средорек.

    „Целосна лага е обвинувањето дека нашиот кандидат Самет Салиевски нападнал еден од членовите на изборниот штаб на Костовски. Вистината е дека нашиот кандидат за советник бил сведок на расправија помеѓу активисти на СДСМ во близината на неговиот дом. Во меѓувреме, станал цел на вербални провокации на кои реагирал смирено и воздржано“, кажа Ѓорѓиевска.

    Таа додаде дека изјавата на Костовски е очајнички обиди на СДСМ со лаги и манипулации, на низок и дрзок начин да добијат ситни поени пред јавноста, кои се резултат на агонијата поради анкетите кои покажуваат дека ги очекува убедлив пораз.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира