Град Скопје почна со реконструкција на улицата Џон Кенеди во Општината Чаир. Покрај реконструкција на коловозот на потегот од булеварот Македонско-косовска бригада до булеварот Христијан Тодоровски Карпош, на оваа делница ќе бидат изградени и велосипедски патеки, ќе се заменат оштетените рабници и ќе се изврши нивелација на постојните шахти и сливници.
„По реконструкцијата, улицата Џон Кенеди ќе биде петта сообраќајница на подрачјето на Чаир со оформени велосипедски патеки, по улиците Кемал Сејфула и Втора македонска бригада и булеварите Христијан Тодоровски Карпош и Босна и Херцеговина.
Наредната недела во овој дел од градот ќе почнеме со обнова и на улицата Македонско-косовска бригада. Стратегија на Градот е да обезбедиме рамномерен развој на инфраструктурата, зашто овој дел од Скопје бил надвор од плановите за какво било дејствување“. рече градоначалникот Петре Шилегов.
Реновирањето на улицата чини 25,8 милиони денари, а рокот на изведба е 40 дена.
А. АНТЕВСКА