Над 80 отсто вработените од средното училиште „Ванчо Прќе“ во Виница, кои трет ден ја бојкотираат наставата поради назначување нова в. д. директорка, денеска писмено го известиле градоначалникот Миле Петков дека бојкотот ќе биде ставен во мирување кога најавениот јавен оглас оглас за избор на директор ќе биде јавно објавен.
Петков, кој денеска во врска овој случај имал средба со претставници на Просветниот инспекторат и на гранковиот синдикат, ни изјави дека тој останува на донесеното решение за назначување в. д. директор со мандат од 6 месеци, но сепак во меѓувреме ќе биде распишан јавен оглас, а оти е во интерес на над 400 ученици колку што се запишани во виничката гимназија, наставата што поскоро да продолжи.
Бојкотот започна на 15 октомври поради тоа што градоначалникот ја назначи Тања Анакиева-Давитковска за нова в. д. директорка на училиштето. Тој вели дека тоа го сторил поради утврдени неправилности во работењето на претходниот директор Тихомир Тасев, а новата в. д. директорка ги исполнува потребните услови.
Но, поголем дел од наставниците не ја сакаат новата директорка затоа што против неа, како што велат, има постапка од Просветниот инспекторат за констатно насилство, мобинг и уцени и му забележуваат на градоначалникот за поддржување на непотизам, затоа што нејзината сестра е секретарка на училиштето, а нејзиниот сопруг наставник во истото училиште.
Претходните денови од 65 вработени, наставата ја бојкотирале 50 наставници, но денеска нивниот број се зголемил на 52. Тие очекуваат и наредните денови бројот да се зголеми и цврсто стојат на својот став дека бојкотот ќе го стават во мирување дури по објавувањето на јавниот оглас на кој, според градоначалникот Петков, можат да се пријават сите заинтересирани кандидати кои сметаат дека ги исполнуваат условите.
Т. ЈОВАНОВСКИ