ВО СРЕДА И САБОТА САМО ЖЕНИ МОЖЕ ДА СЕ КАПАТ ВО ГРАДСКИОТ БАЗЕН ВО ТЕТОВО, ВЛАСТА ВЕЛИ ГРАЃАНИТЕ ТАКА БАРАЛЕ

    ВО СРЕДА И САБОТА САМО ЖЕНИ МОЖЕ ДА СЕ КАПАТ ВО ГРАДСКИОТ БАЗЕН ВО ТЕТОВО, ВЛАСТА ВЕЛИ ГРАЃАНИТЕ ТАКА БАРАЛЕ„Тие термини се предвидени базенот да го користат само жени и девојки бидејќи не сакале да има мешање со мажи на базенот. Тоа е направено според барање на граѓаните односно граѓанките од Тетово“, изјави Назми Даути, раководител на секторот за Јавни дејности на Општина Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Градскиот базен во Тетово воведе посебни термини кога може да се капат само жени и девојки. Термините се во среда и сабота од 08:30 до 12:00 часот.

    „Тие термини се предвидени базенот да го користат само жени и девојки бидејќи не сакале да има мешање со мажи на базенот. Тоа е направено според барање на граѓаните односно граѓанките од Тетово“, изјави Назми Даути, раководител на секторот за Јавни дејности на Општина Тетово за контроверзната одлука на полова сегрегација, која е вообичаена само во некои конзервативни муслимански земји, како Саудиска Арабија.

    За оваа одлука нема реакција од Советот Тетово, каде владејачко е мнозинството на коалицијата „Вреди“ и „ВМРО-ДПМНЕ“.

    Со завршување на учебната година градскиот базен, кој до овој период беше наменет само за учениците, ги отвори вратите за сите посетители. Ова е единствен базен во Тетово, додека уште неколку се наоѓаат во околните села. Според летната шема базенот во Тетово е отворен од понеделник до петок од 08:30 до 16:30 часот, додека за време на викендот од 09:00 до 21:00 часот

    Градскиот базен, кој е од покриен тип, почна да се гради во 2020 година со средства добиени од тогашното Министерство за спорт и млади, како дел од проектот за изградба на 14 базени во исто толку градови во државата и ова беше првиот базен кој беше изграден во рамките на овој проект. Изградбата беше завршена при крајот на 2021, кога тогашната градоначалничката на Тетово Теута Арифи формално го пушти во употреба, но не работеше бидејќи се чекаше дополнително да се изгради соларен систем за загревање на водата. Во јули 2022, откако беа поставени фотовалтаиците на покривот од базенот, тој повторно беше пуштен во употреба, но од градоначалникот Билал Касами. За неговата целосна изградба потрошени се околу 50 милиони денари (над 800.000 евра).

    Во текот на школската година базенот се користи во рамките на образовниот процес и е наменет само да учениците од тетовските училишта, а во летниот период е наменет за користење на граѓаните од Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира